Обожавателите на Џексон оставаат цвеќе и пораки на локации од значење за неговиот живот, како родното место во Индијана, на ѕвездата на Патеката на славните во Холивуд, како и во легендарната концертна сала „Аполо“ во Њујорк.
Речиси сите радио станици ја пуштаат неговата музика, популарна меѓу многу генерации. Веб страниците се полнат со коментари, веста за смртта на поп-ѕвездата Мајкл Џексон е на насловните страници на весниците ширум светот, а многу телевизиски станици ја прекинаа својата редовна програма за да соопштат за неговата смрт. Некои обожаватели на улиците се собираа во групи и танцуваа на неговата музика.
Од Британија до Јапонија, од Либерија до Кина, обожавателите го изразуваа своето жалење за смртта на Џексон. Се` уште популарен, и покрај финансиските и законски проблеми, Мајкл Џексон во јули требаше да оддржи серија, веќе распоредени концерти во Лондон, како дел од неговото долгоочекувано враќање на музичката сцена.
Законодавците во американскиот Претставнички дом денеска му оддадоа почит на легендарниот пејач.
Квинси Џонс, продуцент на албумот „Трилер“, Мајкл Џексон го нарече член на семејството, велејќи дека го загубил својот „помал брат“ и дека со смртта на Мајкл, загубил и дел од душата.
Лиса Мари Присли, поранешната сопруга на Џексон и ќерка на рок енд рол легендата Елвис Присли, изјави дека е скршена од болка, и „многу тажна и збунета од напливот на емоции“.
Во соопштение за медиумите, поп-ѕвездата Мадона, вели дека не може да престане да плаче откако дознала за смртта на Мајкл. Претставници на легендарната актерка Елизабет Тејлор, блиска пријателка на Џексон, изјавија дека таа била „премногу ужасната“ за да издаде формално соопштение.
Џексон се прослави уште како дете, како член на поп групата „The Jackson 5“. Тоа беше почетокот на неговата повеќедецениска спектакуларна кариера, која подоцна беше проследена со кризи, меѓу нив, обвинувањата за сексуална злоупотреба на деца.