Линкови за пристапност

Министрите на Групата 8 ги осудуваат акциите на Иран и Северна Кореја


Министрите за надворешни работи на Групата 8 кои се сретнаа во Трст, Италија, го повикаа Иран да ги почитува фундаменталните права, вклучувајќи го и правото на слобода во изразувањето. Осврнувајќи се на насилството кое уследи по претседателските избори на 12-ти јуни, министрите ја повикаа иранската влада да гарантира дека волјата на иранскиот народ ќе биде рефлектирана во изборниот процес.

Италијанскиот министер за надворешни работи, Франко Фратини, изјави дека министрите изразиле сериозна загриженост за настаните изминативе неколку недели. Фратини рече дека неговите колеги ја подвлекле потребата за итен прекин на насилството и изразија солидарност за жртвите во него. Тие ги повикаа иранските власти да најдат мирно решение за актуелната криза.

Британскиот министер за надворешни работи, Дејвид Милибанд, изјави дека иранскиот народ има право да ја избира својата влада, меѓутоа владата е таа што мора да го штити својот народ. Тој додаде дека насилството, убиствата и тепањето изминативе десет дена, се за осуда и зборува за потфрлање во заштита на народот.

„Денес, постои криза на кредибилитет, не помеѓу Иран и Западот, туку помеѓу иранското пребројување на гласовите и иранскиот народ. Идејата дека демонстрантите на улиците на Иран се мотивирани или мобилизирани или организирани од страна на странските сили, е комплетно неоснована“, вели Милибанд.

Освен Иран, министрите дискутираа и по пет други прашања, како неширењето на нуклеарното оружје, пиратските активности, Африка и регионалната криза, Северна Кореја и Блискиот Исток.

Во однос на Северна Кореја, тие ги осудија ракетните тестови на Пјонгјанг и ја повикаа земјата да се врати на преговарачката маса и да учествува на шестстраните разговори за нејзиното нуклеарно прашање.

По прашањето за Блискиот Исток, италијанскиот министер за надворешни работи Фратини истакна дека бил постигнат договор меѓу земјите од Групата 8 и го изложи нивното решение:

„Две држави и два народа, како финално решение со креирање на атмосфера на верба во преговорите преку прекин на изградбата на израелски населби, прекин на насилството, а со тоа и гаранција на безбедноста за Израел. За Палестинците, потреба за надминување на хуманитарната ситуација во Појасот Газа и Западниот Брег“, истакна Фратини.

Италија првично на средбите во Трст го покани и Иран, како специјален гостин, тврдејќи дека земјата може да има важна улога во стабилизација на ситуацијата во Авганистан. Но, по неодамнешните насилства, поканата беше повлечена.

XS
SM
MD
LG