Линкови за пристапност

Кина го обвинува „Гугл“ за ширење порнографија


Кина ја интензивираше критиката на најголемиот светски интернет пребарувач „Гугл“.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Кин Ганг денеска беше запрашан за неодамнешните комјутерски потешкотии на посетителите на оваа и на другите веб страници за пребарување.

Тој изјави дека кинеската влада ја исполнува својата должност за заштита на младите од порнографијата на интернет.

Кин вели дека кинеските власти откриле дека „Гугл“ шири „порнографски, непристојни и вулгарни содржини“, спротивно на кинеските закони и регулатива.

Кин го повика „Гугл“ да ги почитува кинеските закони и регулативи и изјави дека властите во Кина презеле „казнени мерки“, не давајќи никакви детали. Портпаролот на министерството не наведе ниту конкретни примери за наводните непристојни содржини на веб страницата.

Во средата пристапот до „Гугл“ во Кина беше привремено прекинат. Дури и во четврток попладне по локално кинеско време, пристапот до веб страницата за корисниците од некои универзитети во Пекинг и натаму беше блокиран.

„Гугл“ неодамна издаде соопштение велејќи дека ќе ги интензивира напорите за спречување порнографски содржини да стигнат до корисниците во Кина. Медиумите денеска го цитираат портпаролот на компанијата со седиште во Калифорнија, кој вели дека „Гугл“ во моментов ги разгледува извештаите дека корисниците во Кина немаат пристап до веб страницата.

Најновите коментари на Пекинг доаѓаат неколку дена пред рокот на кинеската влада сите комјутери што се продадени во Кина да имаат вграден софтвер за филтрирање на интернет содржини, познат под називот „Зелена брана“.

Вчера секретарот за американскиот Оддел за трговија, Гери Лок и американскиот претствник за трговска размена, Рон Кирк испрати писмо до кинеските претставници во кое се истакнува загриженоста дека наредбата на Пекинг можно е да ги прекрши одредбите за слободна трговија.

Запрашан за најновата загрижност од американска страна дека „Зелената брана“ може да прерасне во трговско прашање, портпаролот на Кинеското Министерство за надворешни работи истакна дека нема ништо да додаде на претходните коментари дека софтверот е потребен за да ја спречи порнографијата на интернет.

XS
SM
MD
LG