Линкови за пристапност

Иран во центарот на дискусиите на Г-8


Министрите за надворешни работи на Групата Осум најразвиени индустриски земји во светот, Г-8, се среќаваат на самит во Трст, каде беше планирано да се разговара за заедничките цели во Авганистан и Пакистан, и постигнување мир на Блискиот исток.

Но, настаните во Иран најверојатно ќе ги засенат нивните разговори и министрите за надворешни работи најверојатно ќе бараат консензус за заедничка осуда на иранското згаснување на демонстрациите кои следеа по неодамнешните претседателски избори.

Италијанскиот министер Франко Фратини, кој е домаќин на средбата, изрази надеж дека самитот ќе излезе со цврст и јасен став за иранското насилно задушување на демонстрациите.

Иран, како и другите соседи на Авганистан и Пакистан, беа поканети да присуствуваат на Самитот. Но, тензиите меѓу Западот и Техеран нараснаа по оспорените ирански избори на 12-ти јуни. Шефот на иранската дипломатија Манучер Мотаки рече дека не планира да присуствува на средбата.

Иран ги обвини западните сили за поддршка на уличните протести против реизборот на претседателот Махмуд Ахмединеџад. Протестите продолжуваат во Техеран и во многу западни градови, а група демонстранти се собра и во центарот на Трст.

На самитот во Трст ќе отсуствува и американскиот државен секретар Хилари Клинтон откако си го повреди лакотот. Специјалниот пратеник Ричард Холбрук ќе земе учество на средбата кога ќе стане збор за Пакистан и Авганистан.

На маргините на самитот средба ќе има блискоисточниот квартет – САД, Русија, ЕУ и ОН, кои ќе се обидат да го придвижат израелско-палестинскиот мировен процес. Новиот американски пратеник за Блискиот исток, Џорџ Мичел ќе присуствува на средбата.

„Нашите напори ќе бидат во правец на постигнување долготраен мир на Блискиот исток меѓу Израел и Палестинците, Израел-Сирија, Израел- Либан, како и целосно нормализирање на односите меѓу Израел и соседите“, најави Мичел.

Северна Кореја исто така се очекува да биде на агендата, откако изврши нуклеарно тестирање минатиот месец и најави дека ќе го претвори во оружје целиот свој ураниум како одговор на воведувањето нови санкции врз неа од ОН.

Околу 44 делегации учествуваат на средбите. Во Трст ќе има претставници и од Исламската банка за развој, Меѓународната организација за миграции и Светската програма за храна.

XS
SM
MD
LG