Линкови за пристапност

САД испраќаат оружје за владата на Сомалија


Американскиот Стејт департмент денеска ги потврди извештаите дека САД неодамна доставиле пратка со оружје и муниција до Сомалија.

Портпаролот на Стејт департментот, Иан Кели, изјави дека пратката била доставена по итна постапка, како одговор на барањето на сомалиските власти.

Веста прв ја објави „Вашингтон пост“. Весникот цитира американски претставник кој вели дека одлуката била донесена на „највисоко ниво“ за да се обезбеди одржување на сомалиската влада.

Сомалиските власти бараат странска помош во борбите против тврдокорните исламски групи, предводени од ал-Шабаб, која контролира поголем дел од јужна Сомалија и делови од главниот град Могадишу.

Во саботата, спикерот на сомалискиот парламент побара од соседните земји да испратат свои трупи во Сомалија. И Кенија и Етиопија рекоа дека нема да го сторат тоа.

САД изразија загриженост дека доколку исламистите ја преземат власта во земјата, Сомалија ќе се претвори во рај за терористите, како што беше случајот со Авганистан, кога на власт беше Талебан.

САД ја обвинуваат ал-Шабаб за поврзаност со Ал Каида.

Во борбите во Могадишу изминативе шест недели загинаа околу 300 лица, а раселени се најмалку 120.000 други.

Премиерот на Етиопија, Мелес Зенави, смета дека сомалиската влада може да се справи со исламистите. Етиописките трупи минаа преку две години во Сомалија поддржувајќи ја актуелната влада, пред да се повлечат во јануари годинава.

XS
SM
MD
LG