Линкови за пристапност

Голема дебата за вакцинирањето


Денешните бебиња и деца примаат многу повеќе вакцини споредено со пред 10 години. За повеќето родители, ова е шанса децата да се заштитат од дополнителни болести. Но постојат и случаи кога повеќето од луѓето ги одбиваат вакцините, што придонесе за загриженост кај американскиот Центар за контрола на болести.

Хедер Валтц има петмесечна ќерка. Повеќето родители со деца на таа возраст веќе почнале со серија вакцинации, како превенција на болестите од хепатитис Б, до дифтерија и детска парализа.

Но Валц одбива да ја изложи својата ќерка на толку многу вакцини, бидејќи се плаши дека може да резултираат со појава на аутизам, дијабетис и рак.

Валц е во малата, но растечка група родители кои стануваат скептични за употреба на вакцините.

Ленс Родвалд е директор за имунолошките услуги при Центрите за контрола на болестите. Тој вели дека преку 90 проценти од американските деца се вакцинирани. Но постојат делови во САД каде 20-тина проценти од семејствата кои се против вакцините.

„Со тоа ќе се создаде плодна почва за појава на болестите како малите сипаници на пример, на што всушност бевме сведоци минатата година“, изјави Родвалд.

Во еден од минатогодишните случаи, вели Родвалд, невакцинирано дете, фатило мала сипаница во Швајцарија, и се вратило во Аризона. Родителите не знаеле дека детето има сипаница, го однеле на педијатар каде имало бебиња кои се заразиле, а биле премали за да примат вакцина против болеста. Сипаниците потоа лесно се прошириле, пред болеста да биде ставена под контрола.

Сипаниците може да предизвикаат многу повеќе проблеми од само интензивно чешање. Токму од нив и натаму годишно во светот умираат 200.000 лица. Во САД, благодарение на вакцините, болеста беше речиси искоренета.

Родвалд вели дека многу родители денес се загрижени за вакцините поради 10 години стариот научен напис кој тврди дека вакцините за сипаница, заушки и рубеола, предизвикуваат аутизам. Родвалд додава дека научните податоци во тој напис се покажале како неточни.

Авторите на написот ги повлекоа своите имиња, но токму таа статија предизвика серија прашања за поврзаноста на вакцините и аутизмот, за кои се зборува до ден денес.

Родвалд додава дека оттогаш се направени многу студии и поврзаност не е пронајдена.

Од друга страна тешко е денешните родители да одат низ секоја информација поединечно, а постојат толку многу вакцини да се разберат. Кон средината на 90-те години, на децата им се даваа по шест вакцини, а денес овој број е два пати поголем.

Сепак, Хедер Валц вели дека и натаму планира да ги избегне вакцините за нејзината ќерка.

„Со секоја информација што ќе ја најдам и што ќе ми помогне да го поддржам моето решение, наоѓам другашто ми сугерира дека сум лош родител и дека со невакцинирањето на моето дете во опасност ја доведувам цела држава“, вели Валц. „Тоа нема никаква смисла, доколку во училницата имате 30 деца, а само моето не е вакцинирано, токму моето дете ќе биде изложено на ризик“, смета таа.

Сепак и покрај тоа што ќерката на Валц нема да биде вакцинирана, таа веројатно ќе биде безбедна и нема да се зарази од споментатите болести. Со тоа што повеќето од децата во САД се вакцинирани, поголемиот дел од земјата не е плодна почва за појава и ширење на болестите.

XS
SM
MD
LG