Линкови за пристапност

Шефот на ОН бара помош за светот во развој


Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун ги поттикнува државите од Г-8 да ја почитуваат определбата за помош на земјите во развој и побара од нив да не ја намалуваат количината на помош што до сега ја давале во време кога најмногу е потребна.

Тој зборуваше пред официјални лица од 126 земји кои учествуваат на конференцијата посветена на глобалната економска криза, што започна денеска во седиштето на ОН во Њујорк.

Бан Ки-мун подвлече дека за многу земји не постои лесен начин за опоравок и дека како резултат на економската криза, последиците од климатските промени и екстремната сиромаштија станаа уште понагласени.

Учесниците на конференцијата работат на документ во кој ќе биде изложена улогата на светската организација во реформирање на глобалниот финансиски систем, како и механизмите за помош на земјите во развој.

Организацијата за економска соработка и развој со седиште во Париз вели дека најтешката рецесија во речиси 60 години, се чини дека го допрела дното.

XS
SM
MD
LG