Линкови за пристапност

„Деца на ноќта“ – огранизација за помош на девојчиња - проститутки


Во добротворната организација „Деца на ноќта“, 14-годишното девојче кое себе си се нарекува Моника, нашла засолниште. Детството го минала во градот Окланд, а потоа живеела со пријателка на нејзината мајка, чие момче почнало сексуално да ја злоупотребува кога имала само четири години. Властите го откриле случајот и Моника ја дале на чување кај семејство кое подоцна ја посвоило. Но, таа на неколкупати бегала од дома уште кога имала 10 години, а на инсистирање на нејзиното постаро момче, почнала да се занимава со проституција.

„Почнав со проституција кога имав 10 години, кога прв пат избегав од дома. Мислев дека ќе ми биде забавно да го правам тоа, но брзо сфатив дека не е така“, вели Моника.

Таа се вратила дома, но пак побегнала. Наишла на макроа кои ја подучувале во бизнисот. Кога наполнила 12 години, Моника веќе била редовна на улиците на Окланд.

Таа изгледа повозрасна од нејзини години, но вели дека на муштериите им било јасно дека е се` уште дете.

„Не им беше грижа. Кога на еден од нив му кажав дека имам само 12 години, тој рече - не е важно, ќе ти дадам повеќе пари!“, вели Моника.

Повеќето од малолетниците доаѓаат во „Деца на ноќта“ откако ќе бидат уапсени од властите заради проституција. Така пристигнала и Моника.

„Имав две опции“, вели таа, „требаше да одберам помеѓу „Деца на ноќта“ и затвор, јас го избрав домот за згрижување, бидејќи знаев дека можат да ми помогнат.

Друго девојче, кое побара да ја викаме Аманда, е од Сиетл. Нејзината мајка била зависник од дрога и годинава починала од преголема доза. Аманда живеела со нејзиниот татко, но сексуално била злоупотребувана од неговиот цимер. Од 8 до 12 години таа била на терапија, но потоа почнала да запаѓа во неволји.

„Сите велеа дека се однесувам како мајка ми, по што почнав и јас да земам дрога, да се занимавам со проституција и да се дружам со лоши луѓе“, вели Аманда.

Кога имала 14 години, сретнала човек на 30-тина години, кој ја убедил да побегне од дома.

„Ми велеше дека ме сака и јас се вљубив во него. Но потоа ми кажа дека ќе се сели во друга држава“, вели Аманда.

Набрзо потоа, и Аманда се нашла во друг град, продавајќи си го своето тело. Заработувачката ја давала на макро кој често ја тепал. Со тек на време тој станал толку насилен што таа верува дека ќе ја остварел заканата дека ќе ја убие.

Ноќта кога била уапсена, според Аманда, е ноќ кога и` бил спасен животот. Властите потоа и` понудиле да биде згрижена во „Деца на ноќта“.

Со уште 17 други девојки, таа сега оди на училиште во рамки на домот, пишува домашни задачи и се дружи со своите пријателки, кои исто како неа, побегнале и почнале да се занимаваат со проституција. И Моника и Аманда велат дека по средното училиште планираат да се запишат на факултет.

Лоис Ли, основачот на домот за грижа „Деца на ноќта“, вели дека тоа е можно. Илјадници деца од обата пола нашле спас во овој центар што постои преку 30 години. Сега тие деца имаат успешен живот, некои од нив наоѓаат работа штом ќе наполнат 18 години, други го завршуваат нивното образование, а има и такви кои повторно се враќаат на улиците.

Порано годинава Федералното истражно биро од проституција спасило преку 45 млади на тинејџерска возраст за време на рациите во 27 различни градови низ САД. Никој не го знае точниот размер на овој проблем.

XS
SM
MD
LG