Иранските медиуми денеска соопштија дека влијателниот Заштитнички совет нема да ги поништи резултатите од спорните претседателски избори, велејќи дека немало поголеми нерегуларности на избирачките места.
Портпаролот на советот синоќа изјави дека повеќето од жалбите биле поврзани за нерегуларности пред изборите, а не за време или по гласањето, кое му донесе победа и реизбор на претседателот Махмуд Ахмадинеџад.
Иранскиот парламент денеска соопшти дека Ахмадинеџад ќе положи заклетва на функцијата помеѓу 26-ти јули и 19-ти август.
Во меѓувреме, иранското Министерство за внатрешни работи најави дека ќе ги објави резултатите од гласачките ливчиња од секоја кутија одделно, во обид да ги разреши нејаснотиите поврзани со изборите на 12-ти јуни. Овој чекор уследи по соопштението на Заштитничкиот совет од неделата, во кое се вели дека вкупниот број на гласови во 50 градови, го надминува бројот на лицата кои можат да гласааат на тие локации. Станува збор за преку три милиони гласови кои можно е да бидат оспорени.