Во кусото соопштение од секретарот за печат на Белата Куќа објавено во понеделникот се наведува дека поради тоа што постапките на лица кои се закануваат на мирот и меѓународните обиди за стабилизација на Западниот Балкан и натаму претставуваат закана по националната безбедност и надворешна политика на САД, претседателот Обама решил до 26-ти јуни 2010-та да ги продолжи мерките што владата на поранешниот претседател Џорџ Буш ги објави на истиот ден во 2001-ва, како и нивните подоцнежни дополненија.
Продолжувањето е во согласност со Законот за национални вонредни состојби и во контекст на извршните наредби на поранешниот претседател Буш „против лица кои се вклучени, помагаат, спонзорираат или поддржуваат екстремистичко насилство во Република Македонија и на други места на Балканот, или пак акти што ја попречуваат примената на Дејтонската спогодба и Резолуцијата на ОН 1244 за Косово".
На листата на приватни лица и организации за кои важат санкциите на американската влада (популарно наречена американска „црна листа") се наоѓаат и првиот човек на ДПА Мендух Тачи, претседателскиот кандидат и некогашен хашки притвореник Љубе Бошкоски, Џевад Адеми од ДУИ, пратеникот Даут Реџепи и други.