Линкови за пристапност

Македонија:  аналитичари сметаат дека настапува нова етапа во преговорите за името 


Молк во државниот врв и во политичките партии по новата рунда разговори за името што се одржа во седиштето на ОН во Женева во понеделникот. Единствените реакции дојдоа од неколку аналитичари кои учествуваа на дебата на А2 ТВ.

Според Ризван Сулејмани, ново во процесот на преговори е што посредникот Метју Нимиц нагласи дека пред почетокот на оваа рунда биле извршени консултации со меѓународните фактори. Тоа значи дека тие го усогласиле ставот дека треба да се најде што поскоро решение за проблемот што, како што кажа Метју Нимиц, има безбедносни импликации, подвлече Сулејмани, додавајќи дека Македонија сега е ставена пред избор - или да и` се спротистави отворено на меѓународната заедница, или да се подготви да прифати компромисно решение.

Ѓунер Исмаил од „Форум-аналитика" смета дека изјавата на Нимиц по оваа рунда преговори имплицира дека меѓународната заедница е уморна од проблемот што влијае и на безбедносните прилики во регионот. Ова е едно од трите важни прашања на Балканот што треба што поскоро да се затвори, покрај Дејтонска Босна и Косово - прашањето на името е еден од проблемите што го оптоваруваат стабилизирањето на регионот, кажа Исмаил, коментирајќи го исходот од вчерашната рудна разговори во Женева.

Професорот по меѓународно право Васко Наумовски од Универзитетот Њујорк во Скопје оцени дека по оваа рунда разговори станува јасно дека и Грција, и Македонија се ставени во ситуација што поскоро да најдат решение по паузата во преговорите што се случи поради изборните циклуси во двете држави. Наумовски потенцираше дека во наредниот период за Македонија е важно да усвои единствен став во државата по прашањето за решавање на овој проблем што ги оптоварува евроатлантските интегративни процеси на државата.

XS
SM
MD
LG