Линкови за пристапност

Градоначалникот вели седуммина загинале во судирот на возови


Властите во Вашингтон ДЦ велат дека седум лица се потврдени мртви во понеделничкиот судир на два воза од градската железница.

Градоначалникот на ДЦ, Адриан Фенти, кажа дека властите сеуште сцената ја третираат како место на спасувачка операција, што ќе се одвива цел ден, и дека официјални лица ќе имаат нови информации за јавноста подоцна во денот.

Судирот се случи во близина на метро-станица над земја, во североисточен Вашингтон.

Градските и транспортните власти велат дека едниот воз удрил во задниот дел на другиот воз што бил застанат на шините. Ударот бил толку силен што првиот вагон на возот што се движел се пркршил, се кренал во воздух и паднал врз задниот вагон на другиот воз.

Возачката на возот во движење е меѓу мртвите. Официјални претставници велат дека најмалку 70 лица се повредени, меѓу кои најмалку шестмина критично. Градоначалникот Фенти судирот го нарече најлоша несреќа во 33-годишната историја на транспортниот систем.

Американскиот претседател Барак Обама и неговата сопруга Мишел издадоа соопштение во понеделниот навечер изразувајќи сочувство за жртвите.

Обама ги пофали стотиците полицајци, пожарникари и лекарски екипи од брза помош кои веднаш се упатиле до местото на несреќата да спасуваат животи. Тие биле принудени да го сечат металот на вагоните да стигнат до патниците кои биле заробени внатре.

Бордот за безбедност на националниот транспорт на федералната влада и екипи на ЕфБиАј исто така биле на располагање во потрага по докази за причина на несреќата. Екипи бараа направи на двата воза кои ја регистрираат нивната брзина и други оперативни детали.

XS
SM
MD
LG