Линкови за пристапност

Во Техеран во понеделник мирно


Иранскиот главен град изгледа напнат, но мирен, без извештаи за масовни демонстрации и насилство на улиците што го зафатија градот од одржувањето на спорните претседателски избори на 12 јуни.

Поддржувачите на поразениот кандидат Мир Хосеин Моусави го поттикнуваат народот да ги вклучат светлата на нивните автомобили со првиот мрак како знак на протест и израз на солидарност.

Иранското државно радио денес извести дека најмалку 457 лица биле уапсени во саботата –ден обележан со судири меѓу безбедносните сили и демонстрантите што резултираше со смрт на најмалку десет лица.

Шефот на техеранската полиција вели дека приведените провоцирале граѓански немири.

Силите на иранската револуционерна гарда издадоа предупредување за демонстратите на својата интернет страница, велејќи дека силите ќе се спротивстават на сите кои нема да го почитуваат законот, на „револуционерен" начин. Властите забранија улични протести.

Официјалната цифра на загинати во протестите по изборите сега е 17. Други извештаи велат дека таа е значително повисока. Ниеден од извештаите не е потврден од независни извори.

Во меѓувреме, иранските медиуми известуваат дека иранскиот Заштитнички совет кажал дека имало нерегуларности документирани во десетина градови.

Прес ТВ вели дека портпаролот на Советот ова го кажал во неделата на иранската телевизија, но дека допрвба треба да се утврди дали тоа имало влијание на изборните резултати.

XS
SM
MD
LG