Линкови за пристапност

Интервју со Кендис Милер, конгресменка на САД



„Мошне е важно Македонија да стане членка на НАТО.Ги исполнува сите критериуми, и да биде отфрлена само врз основа на прашањето за името, тоа, искрено кажано, е најбесмисленото нешто што воопшто сум го видела “, вели конгресменката Кендис Милер, републиканка од Мичиген во интервјуто за Гласот на Америка на македонски, откако доби награда на конференцијата на Обединетата македонска дијаспора во Вашингтон.Со неа разговараше Ведран Андоновски.

Глас на Америка на македонски:Што Ви значи наградата?

Кендис Милер:Ми беше големо задоволство да ја примам наградата.Во мојата изборна единица - југоисточен Мичиген - сметаме дека го имаме најголемото македонско население во земјата. Сметаме дека тамошната македонска православна црква „Пресвета Богородица“ е најголемата црква од тој вид. Едно од нештата што го научив од македонската заедница во мојата област е нивната љубов кон заедницата, љубовта кон семејството, и тоа како силната заедница и силното семејство градат слободи што сите ние ги бараме.Тоа навистина е заедничката цел што верувам дека САД ја споделуваат со Република Македонија - целта на слобода за секое човечко суштество.

Глас на Америка на македонски:Во писмо до државната секретарка Клинтон заедно со група конгресмени ја повикувате да ги приближи двете земји за решавање на проблемот со името.Реално гледано, што може да стори американската влада надвор од она што досега го има направено, за да се најде решение?

Кендис Милер:Мислам дека САД имаат значителен лост во сето ова.Мошне е важно секретарката Клинтон да ги приближи двете земји.Посекако, кога станува збор за НАТО, мошне е важно Македонија да стане членка на НАТО. Ги исполнува сите критериуми, и да биде отфрлена само врз основа на прашањето за името, тоа, искрено кажано, е најбесмисленото нешто што воопшто сум го видела.Не знам за некој друг таков пример во историјата, особено не во историјата на НАТО.Треба да го надминеме тоа.

Глас на Америка на македонски:Што, пак, Македонија треба да направи со цел поскоро да стане членка на НАТО?

Кендис Милер:Македонија ги исполни сите тестови што можам да ги замислам.Како Американец ви кажувам дека сме мошне благодарни за поддршката што ја добивме во војната против тероризмот, во Ирак, во Авганистан.Како што сведочиме дека Република Македонија има слободни и праведни избори, дека Република Македонија продолжува кон целта за систем на слободни пазари, не знам каков вид на други очекувања воопшто може да поставиме во однос на Република Македонија. Што поскоро стане членка на НАТО – тоа подобро.

XS
SM
MD
LG