Француската влада вели дека може да воведе ограничувања за традиционалната наметка за покривање на лицето и телото на жените во муслиманскиот свет – бурка, доколку парламентарната истрага покаже дека со тоа се деградираат жените. Дебатата за ова прашање ги подели политичарите во муслиманската заедница.
Владиниот портпарол Лук Шател е еден од низата политичари вклучени во растечката дебата за бурката во Франција. За француската телевизија, тој изјави дека владата може да разгледа контролирање на носењето на наметката од лице до петици, ако пронајде дека тоа е деградирачки за жената.
Група од шеесетина француски законодавци побараа од парламентарно тело да разгледа можно ограничување на носење на бурка, што исто така се нарекува никаб.
Бурките не се вообичаени во Франција, но повремено може да се забележат жени како ги носат на улица. Но, во оваа секуларна држава ваквата облека предизвика жестока дебата, при што ја подели централно-десно ориентираната влада па дури и муслиманската заедница. Многумина, како министерот за имиграција Ерик Бесон, ги истакнаа своите видувања на прашањето на радио и телевизиски програми.
Бесон е против забраната на бурката. Тој рече дека Франција веќе забранила жените на работа или на училиште да носат фереџе или шамии на главата. Тој поддржува образование и дијалог наместо донесување повеќе закони.
Но, министерката за градовите, Фадела Амара, муслиманка од алжирско потекло е за легислатива.
Таа вели дека е важно да се војува против екстремизмот и поддржува забрана на бурката во Франција.
Првиот човек на Големата париската џамија Далил Боубакер, исто така е против бурката.
Тој вели дека исламот во Франција мора да е отворен. Тој вели дека нема потреба жените да се кријат зад фереџето. Но, главниот француски совет за муслиманска религија е против парламентарна интервенција за носењето бурка, истакнувајќи дека тоа ги жигосува сламот и муслиманите.
Дебата за фереџето е стара колку и Франција. Забраната на владата во 2004-та на шамии и другите религиозни симболи во јавните училишта беше контроверзна одлука. Други европски држави исто така имаат проблеми со бурката. Холандската влада, на пример, се залага за закон за нејзина забрана.