Линкови за пристапност

Зголемени тензиите меѓу турската владеачка партија и армијата


Меѓу најновите обвинувања е и документ објавен во дневниот весник „Тараф“, во кој детално е изложен план за дестабилизирање на исламската влада. Турскиот премиер повикува да се спроведе истрага врз припадници на моќната армија.

Во документот на четири страници, за кој весникот вели дека е потпишан од виш офицер на турската морнарица и кој датира од април, е изложен планот за подривање на владеачката Партија за правда и развој, како и верското движење предводено од муслиманскиот свештеник Фетула Гулен.

Документотот содржи информации за наводно манипулирање на медиумите за да се поттикне националистичката опозиција во рамки на владеачката партија, а според некои извештаи армијата наводно поставувала и оружје сугерирајќи дека владата планирала насилство.

Иако весникот веќе има објавувано бројни статии за наводни армиски операции против исламската влада изминативе неколку години, заменикот-уредник Јасмин Конгар, вели дека овојпат се работи за многу посериозна ситуација.

„Ова на некој начин е воен удар врз актуелната влада“, вели Конгар.

Турската армија себеси се гледа како чувар на 76-години старата секуларна држава и откако Турција го усвои повеќепартискиот систем во 1950 година, армијата има изведено три пуча. Армијата е одговорна и за падот на првата влада предводена од исламистите во 1997 година.

Локалните политички експерти велат дека армијата е мошне сомничава во исламските корени на актуелната влада.

Најновите наводи за заговор против неговата влада, го поттикнаа премиерот Реџеп Таип Ердоган да спроведе истрага по случајот.

„Водиме истрага и доколку е потребно ќе отвориме и судски постапки против вмешаните лица. Не смееме да се повлечеме. Во едно демократско општество, не можеме да бидеме само набљудувачи на незаконскиот третман на нашата Партија за правда и развој. Ќе сториме се` што е потребно да го спречиме тоа“, изјави премиерот Ердоган.

Началникот на турската армија порекна секаква вмешаност во наводите. Армијата дури најави дека ќе спроведе сопствена истрага по овој случај.

Во меѓувреме, во јавноста има поделени мислења за најновиот, таканаречен, заговор против актуеланата влада. И покрај обвинувањата на адреса на армијата, испитувањата на јавното мислење покажуваат дека таа и натаму е најдоверлива и најпочитувана институција. Сепак, ЕУ ја повика Турција да го намали влијанието на армијата во политиката. Со реформите во рамки на владеачката партија беше намалено нејзиното формално влијание на армијата, но генералите и натаму зад сцена уживаат големо влијание во кроењето на турската политика.

XS
SM
MD
LG