Линкови за пристапност

Врховниот лидер на Иран вели дека победата на изборите е дефинитивна


Врховниот лидер на Иран, Али Каменеи, повика на завршување на уличните протести, велејќи дека имало „дефинитивна победа" на спорните претседателски избори што предизвикаа најголеми немири во Иран за последниве три децении.

Во неговото прво обраќање до нацијата по гласањето на 12 јуни, Ајатолахот Каменеи кажа дека Иранците го избрале тој што сметаат дека е најпогоден за службата, при што актуелниот претседател Махмуд Ахмадинеџад освоил 63 проценти од гласовите.

Тој се спротивстави на наводите дека изборите биле наместени, велејќи дека маргината од 11 милиони гласови во корист на претседателот индицира дека немало измама. Врховниот лидер исто така го нападна, како што рече, мешањето на странски сили кои го поставуваат прашањето за исправноста на резултатите.

Телевизиското обраќање уследи по речиси еднонеделни протести од поддржувачите на поразениот претседателски кандидат Мир Хосеин Моусави, кој приговори на изборните резултати, тврдејќи дека гласањето било со неправилности.

Ајатолахот Каменеи во петок апелираше за смиреност и кажа дека опозицијата ќе се земе на одговорност за секакво насилство.

XS
SM
MD
LG