Линкови за пристапност

Северна Кореја можеби ќе лансира проектил кон Хаваи, тврди новински извештај


Дневниот јапонски весник „Дејли јомиури“ тврди дека Северна Кореја се подготвува на почетокот на јули да лансира проектил од долг домет во правец на американската сојузна држава Хаваи.

Весникот наведува дека Министерството за одбрана на Јапонија верува дека проектил од типот Таеподонг-2 или негова усовршена верзија на 30-ти мај бил префрлен од постројка во близина на Пјонгјанг на лансирно место во северозападниот дел на Тонгчанг-ри. Министерството наводно смета дека проектилот би можел да биде лансиран помеѓу 4-ти и 8-ми јули, но дека претставници з аодбрана не веруваат дека ракетата може да достигне до Хавајските Острови.

Меѓународната кризна група во одвоен извештај предупредува дека Армијата на Северна Кореја има околу 2.500 до 5.000 тони хемиско оружје, меѓу кои и иперит, сарин и други смртоносни агенси. Претставникот на Групата Даниел Пинкстон во четвртокот кажа дека Северна Кореја слабо стои во однос на конвенционално оружје и затоа би можела да се одлучи да употреби хемиско доколку ескалира конфликтот со Јужна Кореја.

Северна Кореја го лансираше проектилот Таеподонг-2 во 1996-та година, токму на 4-ти јули, Денот на американската независност, а на 8-ми јули е годишнината од смртта на основачот на Северна Кореја Ким Ил-сунг.

Северна Кореја се закани дека ќе лансира проектил со долг домет во знак на одмазада за новите санкции од страна на Советот за безбедност на ОН што беа воведени поради нејзиниот нуклеарен тест изведен на 25-ти мај, како и серија лансирања на проектили.

XS
SM
MD
LG