Линкови за пристапност

Иранската опозиција одржа масовен собир


Десетици илјади поддржувачи на поразениот претседателски кандидат Мир Хусеин Мусави се одзваа на неговиот повик да се соберат и да дадат почит на загинатите во насилството по претседателските ибори. Овојпат, зелената боја што стана заштитен знак на предизборната кампања на Мусави и последователните протести, беше заменета со црна. Повеќето насобрани на плоштадот Имам Хомеини во Техеран беа облечени во црно во знак на жалост за најмалку седуммината демонстранти кои беа убени во понеделникот од провладините милиции во Техеран.

Во Иран секојдневно се одржуваат протести од 12-ти јуни, кога иранските власти објавија дека на изборите победил актуелниот претседател Махмуд Ахмадинеџад со 63 проценти од гласовите. Мусави бара резултатот да се поништи и повторно да се гласа.

Советот на заштитници на исламската револуција, моќно тело што ги надгледуваше изборите, го покани Мусави и останатите два поразени кандидати на средба во сабота за да разговараат за нивните поплаки. Советот понуди да изврши делумно пребројување на гласовите, а портпарол на телото соопшти дека тоа започнало да ги разгледува вкупно 646-те жалби за неправилности при гласањето.

Тврдењето на опозицијата дека изборите биле наместени предизвика најголеми немири во Иран од Исламската револуција во 1979-та.

Иранските власти се обидуваат да го блокираат известувањето на странските медиуми од протестите, така што новинските организации во најголема мера се потпираат на тврдења, фотографии и снимки што ги испраќаат иранските граѓани преку мрежите за дружење на Интернет како „Твитер“, „Фејсбук“ и “Ју туб“.

Од почетокот на неделава, владата врши апсење на голем број опозициони членови, меѓу кои и политичари, активисти и новинари. Меѓу нив е и Саид Лајаз, истакнат економист и новинар кој ја критикуваше политиката на Ахмадинеџад. Поранешниот министер за надворешни работи Ибрахим Јазди бил уапсен во средата додека бил во болница, тврди неговата Партија за движење за слободата. Приведен е и Мухамед Атрианфар, уредник на неколку весници.

Иранската новинска агенција Фарс го пренесе министерот за разузнавање Голан Хусеин Мосени Ејехи дека Министерството уапсило над 30 лица за кои кажа дека биле водачи и планери на немирите по изборите. Во извештајот не се именува ниту еден од приведените.

Министерството за разузнавање во четвртокот соопшти дека разоткрило терористички заговор за поставување на бомби на јавни места и џамии за време на изборите. Министерството тврди дека уапсило неколку осомничени лица наводно поврзани со странци.

XS
SM
MD
LG