Линкови за пристапност

Жените минуваат подобро на работа во рецесија


Жените кои се вработени во сегашнава економска криза минуваат подобро од вработените мажи, од повеќе причини. И тоа толку подобро што наскоро може да го направат женскиот род доминантен на работното место.

До ноември минатата година, според Бирото за трудова статистика, жените сочинувале нешто повеќе од 49 проценти од работната сила што не работи на фарма. Весникот Њујорк Тајмс известува дека во сегашниве услови на слаба економија на мажите отпаднале 82 проценти од изгубените работни места. Тоа делумно се должи на фактот што во индустрии како автопроизводството и градежништвото, кои најмногу настрадаа во кризата, најголем дел од работните места ги држеле мажи.

Но има и други причини зошто работната перспектива за жените е посветла од онаа на мажите. Жените заработуваат помалку од мажите на исти работни места. Тоа ги лути поборниците за права на жените, но истото ги прави жените попривлечни за работодавците кои ги намалуваат трошоците да ја преживеат кризата. Многу индустрии се ослободуваат од нивните директори и ветерани-работници, главно мажи, плаќајќи им да се пензионираат.

И, според некои проценки, жените се покажале подобри од мажите во одредени работни ситуации.

Во нејзината нова книга, Женска марка: Употреба на женски начин на размислување за успех во бизнисот, Кетрин Капута пишува дека жените се, како што вели таа, предодредени за успех во кариерата. Тие се, вели таа, поинтуитивни и посочувствителни од повеќето мажи. Тие покажуваат подобри резултати на писмени и усмени тестови што може да се критични за распоредување и напредување на работа. Капута заклучува дека тоа е така заради тоа што жените подобро слушаат од мажите, прашуваат повеќе и поставуваат подобри прашања, а посветуваат и поголема грижа во пишувањето. Но и затоа што жените, според неа, природно се подобри во поврзување со други и ги чуваат пријателите што им ги штитат интересите на работното место.

Ако сево ова е вистина и придонесува во нивниот опстанок на работа за време на рецесијата, тогаш тоа претставува радикална промена од деновите во кои мажите, со нивниот сериозен приод и нивното мото „работата доаѓа прво", беа во мнозинство пред наводно емотивните жени на работа.

XS
SM
MD
LG