Линкови за пристапност

Стејт департмент го објави годишниот извештај за трговија со луѓе


Американскиот државен секретар Хилари Клинтон рече дека борбата против трговијата со луѓе, во странство и во САД, е клучен дел од надворешнополитичката агенда на администрацијата на претседателот Обама.

Клинтон зборуваше по повод објавувањето на годишниот извештај на Стејт департментот за трговијата со луѓе, подготвен за Конгресот.

Таа рече дека трговијата со луѓе за прунудна работа, сексуална експлоатација и други незаконски цели на „ропства на модерното доба“ се протега низ целиот свет и засега секоја држава.

Клинтон рече дека проблемот е влошен поради глобалната економска криза, која прави повеќе луѓе да им подлегнуваат на ветувањата на трговците со луѓе.

Во извештајот на Стејт департментот, земјите се поделени во три групи. Македонија спаѓа во првата група на земји со влади кои целосно се во корелација со минималните стандарди од Актот за заштита од трговијата со луѓе.
Македонија е извор, транзит и крајна дестинација за жени и деца кои се жртви на трговијата со луѓе за комерцијални цели на сексуална експлоатација. Македонските жени и деца се дел од внатрешниот синџир на трговијата со луѓе. Жртвите кои се криумчарени во Македонија најчесто се од Албанија и од Косово. Македонскиот жртви и жртвите кои транзитираат низ земјата завршуваат на пазарите на Југоцентрална и Западна Европа, се вели во извештајот на Стејт департментот. Децата, претежно етнички Роми, се жртви на трговијата со луѓе и се принудуваат да питачат во самата земја, вели извештајот.

Стејт департментот наведува дека македонската влада целосно ги почитува минималните стандарди за сузбивање на трговијата со луѓе. Иако владата може да се подобри во некои области, веќе има подобрувања во имплементирањето на статутот за кревање обвиненија против извршителите на ова кривично дело, а продолжува да го проширува и користењето на стандарди за третман и заштита на жртвите.

Во препораките за Македонија, во извештајот на Стејт департментот се наведува продолжување на напредокот во заштитата и помагањето на жртвите, проактивно имплементирање на новите стандарди за идентификацијата на жртвите, обезбедување институционална заштита и процес на ресоцијализација на жртвите, подложување на трговците со луѓе на извршување на изречените затворски казни, неуморно гонење, покренување обвиненија и казнување на јавни лица кои учествуваат во трговијата со луѓе, и друго.

Во областа на гонењето, Македонската влада демонстрирала напредок во спроведувањето на законот против трговијата со луѓе во 2008-ма, со скратување на времетраењето на постапката и обезбедување на зголемени казни за извршителите на делото, се вели во извештајот. Освен тоа, се додава дека продолжува обуката со поддршка на меѓународни донатори за вршење на стандардни процедури, идентификација и префрлање на жртвите од трговијата со луѓе, а имплементацијата на тие процедури континуаирано се подобрува.

Во областа на превенцијата, владата соработува со невладини организиции и меѓународната заедница во напорите за спречување на трговијата со луѓе и во декември 2008-ма го усвоила Националниот акционен план за 2009-2012, стои во извештајот. Иако не обезбедила директна финансиска помош за невладините организации кои вршат активности за спречување на трговијата со луѓе, продолжила да обезбедува значителна поддршка од друг вид, наведува Стејт департментот.

Соседите на Македонија - Албанија, Косово, Србија, Бугарија и Грција се едно скалило поназад и се наоѓаат во втората група. Според категоризацијата на Стејт департмент тоа се земји кои не ги исполнуваат мининалните стандарди, но прават значителни напори за нивно исполнување во борбата против трговијата со луѓе.

Според годишниот извештај на Стејт департментот во третата група спаѓаат земји кај кои нема позначајни напори за сузбивање на трафиканството, и со кои САД може да ја „замрзнат“ нехуманитарната и помошта која не е врзана со комерцијалната трговија.

На листата од 2009-та во последната категорија се додадени и некои нови држави, како Чад, Еритреја, Мавританија, Нигер, Свазиленд и Зимбабве, кои им се приклучија на постоечките од претходната година, Бурма, Куба, Фиџи, Иран, Кувајт, Северна Кореја, Папуа Нова Гвинеја, Саудиска Арабија, Судан и Сирија.

XS
SM
MD
LG