Линкови за пристапност

Четириесет години борба за правата на хомосексуалците 


Јуни е месец на гордоста што хомосексуалците во многу градови ширум светот го слават како потсетување на нивната борба за еднакви права. Годинава се одбележува 40 годишнина од настанот што го поттикна модерното движење за правата на хомосексуалците во САД. Изминатиов викенд во Вашингтон, хомосексуалците го прославуваа напредокот на досегашното движење, но го изложија и барањето за легализирање на бракот на истополови двојки.

На вашингтонските улици викендов доминираше музика и забава во рамки на Парадата на хомосексуалците на која учествуваа илјадници луѓе.

Стивен Милер и неговиот партнер Ричи Фармер во Вашингтон допатувале од Западна Вирџинија, што важи за политички и верски конзервативна сојузна држава. Милер вели дека вредело да се биде дел од овој настан.

„Прекрасно е на едно место да се видат разновидни луѓе од нашата заедница“, кажа Милер за Гласот на Америка.

Парадата на хомосексуалците вообичаено се одржува во јуни и на неа учествуваат и лезбејки, бисексуалци и травестити.

Прославите, што започнаа во 1970 година, се одржуваат во чест на бунтот од хотелот „Стоунвол Ин“ во околината на Њујорк во 1969. Група хомосексуалци кои тогаш се наоѓале во барот во хотелот им пружиле отпор на полицајците кои извршиле рација во објектот. Демонстрациите го одбележале почетокот на модерното движење на правата на хомосексуалците во САД и ширум светот.

За време на овогодишната парада во Вашингтон можеше да се видат различни профили на ова движење, истовремено група конзервативно облечени повозрасни мажи и жени фрлаа бомбончиња и ги поздравуваа учесниците.

Исто така во близина мајки и татковци учествуваа во парадата заедно со своите ќерки и синови, носејќи плакати со натписи „Го сакам мојот син-хомосексуалец“ и „Сите сте мои деца“.

Да се биде хомосексуалец, бисексуалец и травестит е нашироко прифатена појава во американското општество. Но, не било секогаш така.

Во `50-те, `60-те и `70-те години, Американците хомосексуалци биле цел на малтретирање и омаловажување од страна на полицијата, а на многумина им било забрането да се пријават за работа во владини служби.

Еден од активистите на правата на хомосексуалците, Френк Камени, вели дека во тоа време, хомосексуалците и лезбејките биле соочени со постојано негирање.

„Владата и законот велеа дека сме криминалци. Психијатрите велеа дека сме ментално болни. Религиозните луѓе, веројатно како и сега, не` нарекуваа грешници“, рече Камени.

Камени, кој сега има 84 години, помогнал да се стави крај на таа дискриминација преку формирање на движење во Вашингтон за правата на хомосексуалците. Тој ја почнал оваа активност откако во 1957 година бил отпуштен од владино работно место поради тоа што се изјаснил за хомосексуалец.

„Како да бев погоден со нешто. И во такви ситуации возвраќате со удар. Во никој случај не можев да седам и да дозволувам да ми го прават тоа“, изјави Камени.

Парадата во американскиот главен град беше и место за изложување на барањата на хомосексуалците како легалното право за стапување во брак. Досега шест сојузни држави во САД ги легализираа истополовите бракови, што важи за голема победа за движењето.

Но активистите за овие права и нивните симпатизери и натаму се соочуваат со многу пречки во напорите за легализирање на истополовите бракови на ниво на цела држава.

Адвокати од Одделот за правда во рамки на актуелната администрација неодамна пред суд го поддржаа Актот за одбрана на бракот. Законот на хомосексуалните двојки не им дозволува да ги уживаат истите бенефиции што ги имаат хетеросексуалните двојки.

Во САД постои длабока поделеност во мислењата и ставовите за истополовите бракови. Многумина конзервативци велат дека тоа е деградација на, како што велат „природната“ институција на брак меѓу маж и жена.

Дебатата се очекува да продолжи во судниците и во црквите ширум САД, додека активистите од обете страни ќе се борат да го задржат својот начин на живот.

XS
SM
MD
LG