Линкови за пристапност

Каменеи: Изборите да се решат со законски средства


Иранската државна телевизија известува дека иранскиот врховен лидер, Ајатолахот Али Каменеи, му кажал на поразениот претседателски кандидат Мир Хосеин Моусави да ги изнесе своите поплаки за изборите преку законски средства.

Извештајот доаѓа по дводневни, напати насилни, улични протести во Техеран откако официјални лица ја прогласија победата со големо мнозинство на претседателот Махмуд Ахмадинеџад, на изборите од петокот.

Претседателот Ахмадинеџад кажа дека изборите биле слободни и фер.

Поддржувачите на Моусави повикаа на големи демонстрации во Техеран во понеделник во знак на протест против, како што велат тие, нечесна изборна победа.

Не е јасно дали тие ќе го реализираат собирот откако Министерството за внатрешни работи соопшти дека таков собир би бил противзаконски.

Во меѓувреме, дипломатски извори велат дека Ахмадинеџад нема да патува во Москва на самит, како што претходно беше објавено.

Германија веднаш го повика иранскиот амбасадор да објасни што се случува во врска со изборите.

Иранските власти приведоа над сто лица поврзани со иранските опозициони политички партии.

Реформистите кажаа дека братот на поранешниот ирански реформистички претседател, Мохамед Катами, е меѓу приведените. Тие исто така велат дека некои активисти биле ослободени кусо време по приведувањето.

Моусави не е виден во јавност од петокот. Тој вели дека неговиот пораз се должи на владината измама на гласањето.

Во неделата Моусави апелираше до моќниот ирански Заштитнички совет на исламски свештеници за поништување на изборните резултати.

Официјалните резултати покажуваат дека Ахмадинеџад освоил 63 проценти, а неговиот главен ривал, Моусави – 34.
XS
SM
MD
LG