Линкови за пристапност

Повик до Иран за отпочнување на нуклеарен дијалог


За време на говорот во Виена, раководителот на Меѓународната агенција за атомска енергија, Мухамед Ел Барадеи изрази фрустрираност спрема Техеран, заради неуспехот да соработува со инспекторите кои се обидуваа да извршат мониторинг на неговата нуклеарна програма. Многу земји се сомневаат дека Иран се обидува да произведе нуклеарна бомба, додека иранската влада на тоа вели дека нејзината програма е строго за мирнодопски цели.

Во овомесечниот извештај, агенцијата заклучува дека Иран поседува значителна количина на залихи на потенцијално нуклеарно гориво, за кое некои научници велат дека е доволно за производство на бомба.

Сепак Ел Барадеи истакна дека има простор за оптимизам.

„Охрабрен сум од новата иницијатива на САД за вклучување на Исламската Република Иран во директен дијалог без поставување на предуслови и врз основа на меѓусебно почитување. Ова дава причини за надеж дека дијалогот ќе води до постигнување на одржлив договор за многу безбедносни, политички и економски прашања кои претставуваат проблем повеќе од 50 години“, вели Ел Барадеи.

Раководителот на Меѓународната агенција за атомска енергија го повика Иран да одговори на поканата на Вашингтон изразувајќи надеж дека дијалогот меѓу двете земји ќе започне што е можно поскоро.

Ел Барадеи не коментираше по спорните претседателски избори во Иран на кои победа објави актуелниот претседател Махмуд Ахмадинеџад.

Ел Барадеи ја критикуваше и Сирија заради нецелосна соработка во наводите за инволвираност во спорни нуклеарни активности. Тој подвлече и дека е длабоко загрижен за неодамнешниот нуклеарен тест на Северна Кореја.

XS
SM
MD
LG