Десетици илјади приврзаници на про-реформски ориентираниот лидер Мир Хосеин Моусави излегоа на улиците во Техеран трет ден по ред да протестираат против изборните резултатите со кои претседателот Махмуд Ахмединеџад беше прогласен за победник.
Протестите уследија неколку часа откако иранскиот верски водач, Ајатолахот Али Каменеи, нареди истрага за тврдењето на Моусави за местење на изборите.
Претседателот Ахмединеџад се соочува со демонстрации и протести од саботата кога официјални лица ја објавија неговата победа. По два дена немири, министерството за внатрешни работи објави дека секој што учествува во нарушување на јавната безбедност ќе одговара според законот.
Ахмединеџад ги отфрли обвинувањата од демонстрантите и истакна дека изборите минале во фер и слободна атмосфера. Поразениот кандидат Моусави повика на смирување на страстите во неговата порака преку интернет.
Илјадници негови приврзаници продолжија да поставуваат пораки на веб страницата на групата за поддршка на Моусави на Фејсбук.
Оваа веб-страница беше блокирана внатре во Иран, но многу Иранци имаат пристап до неа преку надворешни сервери и интернет страници.
На веб-страницата беа ставени фотографии од брутални тепања на полицијата вклучувајќи и раскрвавен човек и полицаец во црна наметка како тепа демонстранти легнати на земја.
Песната на демонстрантите „Биди слободен во Иран“ стекна популарност меѓу младите ирански демонстранти, кои ја разменуваат преку интерент, со цел да изразат поддршка за движењето на протестите.
„Ова е почеток на целосно нова револуција“, напиша едно момче кое се идентификуваше како Реза на веб-страницата на Моусави. „Ова нема за запре. Свирни со сирената на автомобилот и запри пред владина зграда во знак на протест“, напиша една девојка, потпишана како Рубина.
И покрај растечката популарност меѓу јавноста, аналитичарот за иранското прашање со седиште во Тел Авив, Меир Џаведанфар, вели дека е потребен критички поглед да се одреди каде оди ситуацијата во Иран:
„Мислам дека зависи од три фактори: Прво, колку возрасни ќе бидат вклучени во демонстрациите, зашто колку повеќе има возрасни толку повеќе граѓаните ќе бидат охрабрени. Второ, дали демонстрациите се прошират во други градови; колку повеќе се вклучат и други градови, лидерството на земјата нема да може да го занемарува движењето. И трето, времетраењето на целиот процес. Ако продолжат протестите во следните две недели, мислам дека верскиот водач Али Каменеи ќе има сериозна ситуација пред себе. Дотогаш, ќе треба да почекаме, да го следиме развојот на настаните и да видиме што ќе каже верскиот водач“, вели аналитичарот Џаведанфар.
Десетици реформски ориентирани политичари најверојатно се во куќен притвор, но некои аналитичари велат дека неслогата во владините редови создава конфузија и спречување на целосно решавање на ситуацијата.