Амбасадорот Филип Рикер, кој беше меѓу гостите на Првата глобална конференција на Обединетата македонска дијаспора во Вашингтон, гледа двојна конструктивна улога на македонската дијаспора – да лобира за Македонија, но и да нуди совети и искуства на македонските власти и граѓани:
„Одлично е да се види како ОМД соработува со други организации на дијаспората кои ги има многу во САД и во други земји, да се види како сите може да се соберат и да разменат мислења, идеи и искуства и да направат да се знаат нивните гледишта во Конгресот и на други места во САД, но и да понудат еден вид на мудрост и искуство на Македонија, така што секој да може да помогне на земјата за која сите имаме силни чувства", вели Рикер.
За тоа како да се надмине пречката - проблем со името, Рикер го истакнува ставот на американскиот претседател Барак Обама, искажан на самитот на НАТО во Стразбур, дека САД со нетрпение очекуваат Македонија да стане полноправна членка на НАТО. Од осамостојувањето – досега, американската помош за Македонија да се подготви за европската интеграција изнесува речиси една милијарда долари, подвлекува американскиот амбсадор.
На наводите за загриженост меѓу народот дека за името можеби веќе е решено, во контекст на неодамнешната изјава на потпретседателот на ЕК кој земјата ја нарече - Северна Македонија, Рикер препорачува да се смират емоциите и да им се дозволи на преговарачите да си ја вршат работата.
„Мислам дека е најдобро да се остави процесот да продолжи напред, да се има предвид најдобриот интерес на земјата, на регионот. Тоа посекако е она што го правиме тука, во САД", вели Рикер.
За идејата за референдум, првиот човек на САД во Македонија коментира дека тоа е работа за која по природа на нештата одлучуваат македонските власти и граѓани, но истовремено укажа и на големиот процент на одобрување на членството во НАТО и ЕУ во испитувањата на јавното мислење во Македонија.
„Мислам дека тоа се едни од највисоките позитивни рејтинзи за обете институции меѓу земјите-кандидати и оние што веќе се членки. Значи, лидерството има одговорност да ја земе таа иницијатива, да ги земе желбите на луѓето и да работи напорно за да ги трансформира во нова реалност. Сметаме дека тоа би била најдобрата иднина за Македонија", коментира Рикер.