Линкови за пристапност

Интервју со Ерл Померој, конгресмен на САД


Конгресменот – демократ од Северна Дакота Ерл Померој е еден од петте во американскиот Претставнички дом што во четвртокот ја доби наградата на Обединетата македонска дијаспора за поддршка на Македонија.За проблемот со името, Померој вели дека прашањата што треба да одредат дали една земја е членка на Алијансата се одбрамбени прашања, а не билатерален спор.

Глас на Америка на македонски:Што значи оваа награда за Вас?

Ерл Померој:Наградата ми значи многу.За првпат бев во Македонија додека студирав на колеџ, на програма спонзорирана да промовира меѓународно разбирање.Размислувајќи за тоа дека сега во мојата кариера имам можност како член на Конгресот на САД да работам за соработка меѓу Македонија и САД, обидувајќи се да ги унапредам нашите интереси – мир, демократија, слобода – тоа е мошне специјална можност.Јас не можам да бидам погорд на прогресот на Македонија што продолжува да го чини, така што сакам да бидам сигурен дека ќе добие чесен третман, во САД, и во меѓунaродната заедница на нации.

Глас на Америка на македонски:Во писмото што заедно со група конгресмени го упативте до државната секретарка Хилари Клинтон ја повикувате да ги приближи обете страни за решавање на проблемот со името и побрза интеграција на Македонија во НАТО.Кој е најдобриот начин тоа да се постигне?

Ерл Померој:Упорност, упорност, упорност.120 земји во светот ја признаа Македонија по нејзиното име – Македонија.Никако не е во соодветно една земја да се обидува да користи билатерално прашање за да запре друга земја да учествува во заедницата на нации, во случајов НАТО, нашиот заеднички безбедносен сојуз.Прашањата што треба да одредат дали една земја е членка на Алијансата се одбрамбени прашања, а не неодносни прашањa за името, билатерален спор што ја попречува меѓународната заедница.Се надеваме дека може да се најде решение.Да биде јасно,политиката на Грција, а можеби за некои дури и политиката во Македонија, сака да ја одржува жива битката, наместо да ја разреши.Се надевам дека посмирените умови и желбата за мир меѓу сите луѓе значат дека ќе најдеме одговор на ова прашање.Не е лесно, воопшто не е лесно.Но, ако останеме посветени на него, мислам дека ќе се случи.

Глас на Америка на македонски:Во САД постои мошне моќно грчко лоби – хеленскиот кокус.Дали оваа средба денеска можеби е почеток на неформална група во Конгресот што се залага за Македонија?

Ерл Померој:Јас сум од малубројна сојузна држава – Северна Дакота, рурална држава.Но тоа воопшто не значи дека малите држави не може да имаат голем глас.Така, мошне сум задоволен што денес се собра дијаспората на Македонија.Можеби ќе нема толку Македонци кои ширум САД ќе организираат и ќе финансираат лоби големо колку што е грчкото, но прашањето не е во тоа.Се работи за тоа што застапувате.Во случајов, според мое мислење, правдата е на страна на Македонија и на крај прашањето мора да биде решено соодветно на тоа.

XS
SM
MD
LG