Мотото на Првата глобална конференција на Обединатата македонска дијаспора – „начинот напред" ја опишува ориентацијата на новата генерација водачи на македонското иселеништво кои создаваат глобална македонска свест, кажа претседателот на оваа организација Мето Коловски. На свеченоста во четрвртокот во Амбасадата на Република Македонија во Вашингтон, ОМД му врачи на сенаторот и највисокиот по ранг член на Сенатската комисија за надворешни работи Ричард Лугар „меѓународна награда на слободата" за залагањето за Македонија, но и за долгогодишната поддршка на универзално прифатените принципи на правда, мир, демократија, лична слобода и економски можности.
Сенаторот Лугар во обраќањето ги подвлече партнерскиот однос меѓу САД и Македонија и кажа дека земјата е мошне важен дел од Европа.
Во кусото интервју за Гласот на Америка на македонски, Лугар рече дека е оптимист во однос на македонската интеграција во НАТО и ЕУ, и покрај заканата за блокирање од Грција.
„Понекогаш за дипломатијата е потребно извесно време. Ќе продолжиме да се залагаме за македонското членство во НАТО. Како што реков вечерва, тоа им го велиме и на Македонците, и на Грците кога ќе не` посетат во Сенатската комисија за надворешни работи, бидејќи веруваме дека тоа е добро за соседството, а посекако добро за Европа", кажа Лугар.
Претходно, на одвоена церемонија во Конгресот, ОМД им додели награди на конгремсените Ерл Померој, Марк Саудер, Бил Паскрел, Кендис Милер и Хари Мичел за поддршката за Македонија.
Конгресменот Померој за Гласот на Америка на македонски смета дека упорноста е начинот да се најде решение за проблемот со името и да се заокружи евроатлантската интеграција на Македонија.
„Упорност, упорност, упорност. 120 земји во светот ја признаа Македонија по нејзиното име – Македонија. Никако не е во соодветно една земја да се обидува да користи билатерално прашање за да запре друга земја да учествува во заедницата на нации, во случајов НАТО, нашиот заеднички безбедносен сојуз", рече Померој.
Конгресменот Паскрел во емотивен говор подвлече дека има забележано тврдоглавост на обете страни и побара премостување на разликите.
„Јас не можам да разберам како две прекрасни земји решија да спорат за она што една земја има право да го стори – да се именува себеси. Ние ќе бевме изнервирани и гневни доколку Велика Британија ни кажеше во ОН – не сакаме да се нарекувате САД, сакаме да бидете `Поранешна Велика Британија`", коментираше Паскрел.
Конференцијата ќе трае до сабота, а на неа денес ќе говори и американскиот амбасадор во САД Филип Рикер.