Линкови за пристапност

Боцевски: Наредната деценија клучна за евроинтеграцијата


Според македонскиот вицепремиер за евроинтеграции, Ивица Боцевски, по последните рунди на проширување на ЕУ во 2004-та и 2007-ма година, критериумите од Копенхаген повеќе не се суштината на процесот на проширување. Преминато е на „игра“, вели тој, со воведување нови правила и претставување нови концепти.

Боцевски зборуваше во Националниот прес клуб во Вашингтон, при што подвлече дека е задоволен што европските лидери ги забележуваат промените и се` повеќе Европејци се свесни дека доколку продолжи ваквата „игра“ од Копенхаген, Европа ќе почне да губи на кредибилитет и валидност како заедница на принципи и стандарди.

„Јас имам задача, а тоа е задача и на колегите од другите земји од Западниот Балкан, да ги потсетиме Европејците дека процесот на проширување не е завршен и дека недостига последниот дел од картата на Европа“, кажа Боцевски.

Тој рече дека е уверен оти наредната деценија ќе биде период на комплетна евроинтеграција на сите земји од Западниот Балкан, вклучувајќи ја и Македонија.
Боцевски не криеше дека има прашања на кои Македонија треба да продолжи да работи:

„Нашиот ангажман ќе го фокусираме во три области“, рече тој, набележувајќи „реформи во јавната администрација, реформи во судството и борба против корупцијата и организираниот криминал“.

Сепак, тој кажа дека Македонија е подготвена преговорите за членство во Унијата да ги започне - утре: „Македонија го има потребниот политички консензус, но и сиот административен и институционален капацитет за непречен тек на преговарачкиот процес и негово завршување“, изјави Боцевски.

Вицепремиерот од Вашингтон упати и порака до европските лидери – дека ништо не може да се постигне доколку постојано се менуваат критерумите за членство.
Навлегувајќи во логистиката на конкретниот процес на проширување, Боцевски рече дека не е тајна оти патот на Македонија и на многу други земји од западниот Балкан не води преку критериумите на Копенхаген. „Во нашиот случај“, рече тој, „минува преку Атина“.

Тој ги повика европските граѓани да покажат големо чувство на прагматичност и посилна заложба за решително лидерство во периодот што следи. Боцевски очекува дека периодот по европските избори е време за нов и отворен процес во кој ЕУ ќе почне стратешки да размислува, да исцрта јасни перспективи, стандарди и датуми, што се` заедно ќе го сочинува планот и дизајнот на тоа што претстои во овој домен.

Македонскиот вицепремиер пред новинарите во Националниот прес клуб во Вашингтон одби да зборува за преговорите за името меѓу Македонија и Грција. На многубројните прашања на оваа тема тој одговори дека Македонија на процесот му пристапува со добра волја и се надева дека истото го има и на другата страна.

XS
SM
MD
LG