Линкови за пристапност

Напаѓачот кој уби чувар во Музејот на холокаустот во критична состојба


88-годишниот Џејмс вон Бран, кој уби припадник на обезбедувањето во Американскиот музеј на холокаустот во Вашингтон, и натаму се наоѓа во болница во критична состојба. Вон Бран отворил оган од пушка веднаш откако влегол во музејот во средата попладне и го погодил чуварот Стивен Тајрон Џонс. Други чувари возвратиле на огнот и го раниле Вон Бран.

39-годишниот Џонс, кој шест години работел во музејот, подоцна почина во болница. Во знак на почит кон него, музејот во чевртокот ќе биде затворен.

Истрагата го поврзува Вон Бран со Интернет-страница полна со анти-семитски и искази за доминација на белата раса, како и негови гледишта дека масовното убиство на Евреи во нацистичка Германија за време на Втората светска војна никогаш не се случило. Во 1981-ва, овој жител на Анаполис, сојузната држава Мериленд, бил уапсен за обидот под закана со оружје да ги грабне членовите на Американските федерални резерви (американската централна банка), по што отслужил казна затвор од шест години. За своето затворање Вон Бран ги обвинува - како што наведува самиот - „црнечката порота“ и еврејскиот судија.

Командирката на полицијата во Вашингтон Кети Ланир соопшти дека засега нема показатели дека Вон Бран имал помошници во нападот.

Сведоци кои биле во музејот велат дека чуварите кога бил отворен огнот најпрвин им наредиле да легнат на подот, а потоа ги упатиле надвор. Според шефот на персоналот на музејот, за време на инцидентот во него имало околу 2.000 лица.

Американскиот претседател Барак Обама кажа дека е шокиран и разжалостен од инцидентот и дека истиот покажува дека општеството „мора и натаму да внимава на антисемитизмот и предрасудите од каков и да е` вид“. Обама го осуди оние кои го порекнуваат холокаустот минатата недела, за време на посетатата на некогашниот нацистички камп Букенвалд во Германија.

Поради инцидентот е откажана претстава за расизмот и антисемитизмот што требаше да се одигра на сцена во музејот во средата. Драмата ја напиша Џанет Лангарт Коен, сопруга на поранешниот секретар за одбрана Вилијам Коен, и таа претставува имагинарна средба меѓу жртвата на Холокаусот Ана Франк и афро-американското момче Емет Тил, кое било линчувано од толпа белци во САД во 1950-те.

XS
SM
MD
LG