Линкови за пристапност

Во Музејот на холокаустот - убиен припадник на обезбедувањето


Вооружен напаѓач во средата среде бел ден уби припадник на обезбедувањето во Американскиот музеј на холокаустот во Вашингтон. Властите соопштија дека чуварот им подлегнал на повредите кусо време откако бил префрлен во болница. Лицето за кое се сомнева дека е напаѓачот исто така заврши во болница, во критична состојба.

Командирот на полицијата во Вашингтон информираше дека напаѓачот со пушка влегол во музејот нешто по напладне и веднаш отворил оган кон чуварот. Чуварот и најмалку уште еден службеник во обезбедувањето возвратиле со оган.

Во медиумските извештаи се наведува дека напаѓачот е 88-годишниот Џејмс вон Брун, за кого се верува дека има врска со групи што заговараат доминација на белата раса и со неонацистички групи.

Музејот на холокаустот е во близина на Белата куќа и Националното шеталиште - област вообичаено преплавена со туристи во ова време на годината.

Портпаролот на Белата куќа, Роберт Гибс, рече дека претседателот Барак Обама е разжалостен поради инцидентот и дека го следи развојот на ситуацијата.

XS
SM
MD
LG