Неколку млади македонски парламентарци - и од власта, и од опозицијата - деновиве престојуваат во Вашингтон како гости на Меѓународниот републикански институт – ИРИ, на програма преку која се запознаваат со американските вредностите и демократските начела на владеење.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и директор на партискиот Центар за комуникации Илија Димовски вели дека со колегите од двете најголеми политички партии во САД разговарале за односот на законодавецот кон електоратот и како тоа да се унапреди во Македонија.
„Оваа посета е добра поради тоа што група на млади пратеници од сите политички партии ќе имаат можност во пракса да видат како функционира американската демократија и на државно, и на локално ниво", коментира Димовски.
Христина Рунчева од ВМРО-ДПМНЕ влезе во пратеничките клупи на 24-годишна возраст.
„Драго ми е што имавме прилика да се сретнеме со конгресмен кој во времето на неговиот избор бил токму во истата позиција како и јас – најмлад во составот, и кој наоѓа соодветни начини и механизми како да пристапи кон граѓаните и како да го распредели правилно своето време – истовремено да биде присутен и во законодавниот дом, меѓутоа и на терен меѓу своите гласачи, меѓу своите бирачи", вели Рунчева.
За Александар Спасеновски од ВМРО ДПМНЕ била корисна паралелата меѓу функционирањето на американското општество и организирањето на политичкиот систем од една, и македонското, од друга страна.
„Мислам дека е многу важно за нас да научиме како оној систем на строга подлеба на власта меѓу законодавната, извршната и судската, при што сите меѓусебно соработуваат, но исто така и се контролираат, е една од главните информации што можеме да ја видиме и како искуство да ја понесеме во Република Македонија", коментира Спасеновски.
Горан Сугаревски е пратеник од опозициониот СДСМ: „На средбата со двајца конгресмени увидов
една ситуација дека, за жал, во Република Македонија се` уште сме далеку од
таква импементација каква што е работата на канцелариите на пратениците во
градовите. За жал, кај нас се` уште не
функционира голем дел на тие канцеларии", вели Сугаревски.
Од Вашингтон, пратениците заминуваат за сојузната држава Јужна Каролина, каде ќе се запознаат со владеењето на локално ниво и учеството на граѓаните во политичкиот процес.