Во првиот процес пред цивилен суд против еден притвореник
од Гвантанамо, Танзаниецот Ахмед Гаилани пред американски федерален судија во
Њујорк се изјасни за невин по обвинението за терористички дејствија. Тој се товари за вмешаност во бомбашките
напади врз американските амбасади во Кенија и Танзанија во 1998-ма во кои
загинаа 224 лица. Доколку биде прогласен
за виновен, Гаилани би можел да добие доживотна казна затвор или смртна
казна.
Владиниот Оддел за правда информираше дека обвинението
против Гаилани содржи 286 точки, меѓу кои и заговор со Осама бин Ладен и
останати членови на Ал-Каида за убивање на Американци, а се товари и за убиство
на секое лице поединечно во нападите.
Меѓу убиените во нападите на 7-ми август 1999-ма имаше 12
Американци.
Процесот против Гаилани се смета за важен тест за САД, во
време кога владата на претседателот Барак Обама разгледува што да стори со
240-те притвореници во американската база Гвантанамо на Куба. Гаилани се наоѓаше во Гвантанамо од 2006-та.
Обама се заложи да го затвори Гвантанамо до јануари
2010-та и да изведе дел до осомничените пред суд. Тоа предизвика жестока дебата во Вашинтон,
при што обата дома на Конгресот го одбија барањето на Обама за трошоци од 80
милијарди долари за затворање на притворниот центар на Куба. Пратениците тврдеа
дека е прерано да се финансира затворањето пред да се направи план што да се прави
со тамошните затвореници. Републиканскиот
конгресмен Питер Кинг во вторникот изјави дека префрлањето на Гаилани во САД
претставува проблем во однос на тоа што би се правело со него доколку тој биде
ослободен од обвинението. Кинг е против
префрлање на други притвореници пред да се реши проблемот.
Обама има кажано дека дел од притворениците ќе бидат
префрлени во затвори во САД со максимално обезбедување и дека ќе им се суди
пред цивилни судови, додека останатите ќе се појават пред армиски комисии. Тој кажа и дека неговата влада одобрила
префрлање на најмалку 50 притвореници во други земји.
Анкетите покажуваат дека Американците се против затворање на Гвантанамо во сооднос 2 : 1, а не се ниту за префрлање на притворениците во САД.