Линкови за пристапност

Мичел на разговори со израелски претставници во Ерусалим


Специјалниот американски пратеник за Блискиот Исток Џорџ Мичел е во Ерусалим, на разговори со изрелскиот државен врв посветени на блискоисточниот мировен процес.

Мичел по средбата со израелскиот претседател Шимон Перес кажа дека и Израел, и Палестинците мора да се придржуваат до одредбите на мировниот договор познат како „Мапа кон мирот“. Договорот, постигнат во 2003-та, повикува на основање на одвоена палестинска држава.

Израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху во недела планира да одржи битен политички говор во кој ќе ги изложи своите гледишта за мирот и безбедноста. Тој досега одбиваше да го прифати американскиот повик - Израел да прекине со изградбата на населби во окупираниот Западен Брег.

Во среда, Мичел ќе се сретне со палестинскиот претседател Махмуд Абас, а потоа ќе ги посети Либан и Сирија.

Американскиот претседател Барак Обама во понеделникот по телефон разговарал со Нетанјаху. Белата куќа соопшти дека Обама ги повторил главните елементи од својот неодамнешен говор во Каиро, вклучувајќи ја и неговата посветеност на безбедноста на Израел. Обама во минатонеделното обраќање во Каиро повика и на воспоставување на одвоена палестинска држава што би постоела напоредно со Израел, како и запирање на изградбата на израелски населби во окупираните територии.

Нетанјаху има кажано дека изградбата во постојните населби ќе продолжи со цел да се одговори на потребата на, како што вели самиот, природниот растеж на семејствата кои таму живеат.

XS
SM
MD
LG