Линкови за пристапност

Северна Кореја повторно се закани со нуклеарно оружје


Северна Кореја најави дека ќе употреби нуклеарно оружје, и за самоодбрана, и во офанзива против оние кои сакаат да ја нападнат.

Во уреднички коментар објавен во севернокорејскиот државен весник „Минџу џосон“ се наведува дека нуклеарниот арсенал на Северна Кореја ќе биде моќно средство за одвраќање на каков и да е` непријател, а ќе биде употребен и за „безмилосна офанзива“ против оние кои ќе се обидат да го прекршат нејзиното достоинство и суверенитет.

Доцна синоќа, директорот на американското национално разузнавање Денис Блер изјави дека неодамнешниот севренокорејски нуклеарен тест и лансирања на проектили, како и политичката ситуација во земјата, претставуваат „потенцијално опасна комбинација“. Блер кажа дека иако ваквите потези се вообичаени за Северна Кореја, нивото на ризик е поголемо, бидејќи официјален Пјонгјанг презема провокативни чекори во време кога е отворено прашањето кој ќе го наследи претседателот Ким Џонг-ил.

Минатата недела се појавија медиумски шпекулации дека Ким Џон-ил го именувал најмладиот син, 26-годишниот Ким Џон-ун за свој наследник. Ким Џонг-ил е на чело на земјата од 1994-та, кога ја презеде власта од својот татко Ким Ил-сунг.

Најновото предупредување од изолираната комунистичка земја дојде во време кога постојаните членови на Советот за безбедност на ОН (САД, Британија, Франција, Кина и Русија) заедно со Јапонија и Јужна Кореја уговараат нова резолуција за построги санкции против Пјонгјанг поради подземниот нуклеарен тест извршен минатиот месец. Најновиот нацрт вклучува нови ограничувања на трговските и финансиски транскации на Северна Кореја во странство, како и и проширено ембарго за оружје и построга инспекција на севернокорејските товарни бродови.

Владата на американскиот претседател Барак Обама размислува и да ја врати Северна Кореја на листата држави-спонзори на тероризмот, како одговор на нуклеарниот тест и серијата лансирања на проектили од долг и кус дострел. Американски претставници најавија дека е можно да воведат еднострани финансиски санкции против Северна Кореја напоредно со санкциите што ќе ги усвои Советот за безбедност на ОН.

XS
SM
MD
LG