Линкови за пристапност

Убиени 60 припадници на Талебан во Авганистан;  САД распоредуваат дополнителни сили 


Виши авганистански претставници велат дека изминатава недела се воделе интензивни борби во јужната покраина Забул, каде локалните и коалиционите сили убиле 60-тина талебански милитанти - меѓу нив и некои од нивните клучни команданти.

Раководителот на локаланата полиција Абдул Реман Сарџанг за Гласот на Америка изјави дека безбедносните сили целеле на засолништата на милитантните во сите делови на покраината, а во некои од нив борбите се` уште траат.

„Авганистанските и коалиционите сили ќе продолжат со напади врз непријателските мрежи се` додека тие не бидат елиминирани од регионот. Во борбите загинаа двајца локални војници, а двајца други се повредени“, вели Сарџанг.

Шефот на полицијата информираше и дека телата на убиените милитанти се предадени на племенските и верски водачи за да бидат погребани, со што ги порекна наводите на Талебан дека загинатите лица се всушност цивили.

Во Забул и другите јужни покраини често се случуваат бунтовнички напади врз локалните и меѓународните сили под водство на САД.

Кусо време по преземањето на функцијата, американскиот претседател Барак Обама нареди годинава во Авганистан да бидат распоредени дополнителни 21.000 војници. Неколку илјади од нив веќе пристигнаа во земјата. Регионалните армиски команданти велат дека поголемиот дел засилувањата ќе бидат испратени во јужните покраини, за да нанесат конечен пораз на талебанските милитанти.

„Во Кандахар веќе се наоѓаат 3.500 војници, поддржани од хелихоптери. Во рок од месец и пол ќе пристигнат вкупно 10.000 маринци, кои главно ќе бидат стационирани во Хелманд, но и во Фарах. По нив ќе дојде и група од 3.500 во Кандахар и ќе биде распоредена во руралните области на оваа покраина“, вели полковникот Грег Џулиан, портпарол на американските сили во Авганистан.

Одредени покраини во јужен Авганистан директно се граничат со Пакистан, каде се верува дека милитантите имаат воспоставено бази за извршување на погранични напади.

XS
SM
MD
LG