Линкови за пристапност

ЦИА против објавувањето на документи за злоупотреба на притвореници


Американската Централна разузнавачка агенција – ЦИА во поднесок до федерален судија вели дека објавувањето на документи за нејзиното испрашување на лица осомничени за тероризам за време на владата на поранешниот претседател Џорџ В. Буш би ја загрозило националната безбедност.

Директорот на ЦИА Лион Панета во писмото испратено до надлежен судија во Њујорк вели дека документите би ја компромитирале националната безбедност со тоа што американските непријатели би дознале што се знае за нив и како биле добиени таквите информации. Панета тврди дека објавувањето на документите би и` дало на терористичката мрежа Ал-Каида „готова муниција“ да регрутира нови членови.

Организацијата Американска унија за граѓански слободи поднесе тужба барајќи објавување на документите што даваат детали за вкупно 92 снимени случаи на испрашување на притвореници од страна на ЦИА во 2002-ра.

ЦИА призна дека ги уништила снимките во 2005-та. Се верува дека на нив можела да се види употребата на груби техники на испрашување, меѓу кои и онаа што симулира давење.

Американската унија за граѓански слободи бара да бидат објавени и фотографии што прикажуваат злоупотреба на притвореници во Ирак и Авганистан. Американскиот претседател Барак Обама најави дека ќе се обиде да го блокира нивното објавување, со образложение дека фотографиите би се одразиле на безбедноста на американските сили во воените зони во тие земји.

XS
SM
MD
LG