Линкови за пристапност

Националниот архив прославува 75-годишнина


Националниот архив на САД одбележува 75-годишнина од постоењето.

Во 1934-та, тогашниот претседателот Френклин Рузвелт ставил потпис на одлуката за основање на Архивот. Во оваа ризница во Вашингтон се чуваат и може да се видат дел од документите што се самата основа на создавањето на САД и американскиот начин на владеење: Декларацијата на независноста, Уставот и Повелбата на слободата.

Помошникот-архивар Мајкл Курц вели дека од 1934-та, Архивот е одговорен за сите официјални владини историски записи.

„Меѓу историчарите, владините лица и други од тоа време се појавило мислење дека се губи историјата на нацијата. Секоја владина агенција си ги чувала своите податоци. Пожарите, поплавите и други катастрофи го уништувале документираното наследство на нацијата“, раскажува Курц.

Разбирливо, во Националниот Архив не се чуваат сите владини податоци. Само еден до три проценти ја добиваат ознаката за постојано место во Архивот. Но, Курц напоменува дека тоа претставува збирка од над девет милијарди записи во сите формати: филмови, мапи, како и огромно количество на хартиени документи.

Во Архивот се чуваат и дигитални податоци, и тие бараат посебно внимание.

„Претставува предизвик како да се проценат документите и да се идентификува кои елементи во нив се од перманентна вредност. За да се заштитат, не се потребни само одредена температура и контрола на влажноста на воздухот, како што тоа важи за хартиените документи. Записите на дигиталните медиуми се мошне кревки“, коментира Курц.

Од друга страна, Курц вели дека дигиталното доба дава и одредени предности, затоа што овомoжува граѓата на Националниот архив да биде достапна не само за обичните посетители, туку и за оние од своите домови, преку Интернет.

Националниот Архив ја слави 75 годишнината со предавања и тркалезни маси, презентации на филмови, но и со изложба на најнеобичните нешта што се чуваат во него. Поставувачот на изложбата Џенифер Џонсон едноставно ја нарече – „Големо“.

Првичната идеја била да се покажат уникатни предмети што обично не се излагаат поради нивната големина. На пример, картата од битката во Гетисбург од времето на Граѓанската војна. Друг таков предмет била големата када специјално направена за претседателот Вилијам Хауард Тафт.

“Претседателот Тафт бил физички најтежок претседател досега, со нешто повеќе од 145 килограми. Има неколку работи кои биле специјално направени за него. Ја чуваме и телеграмата со која побарал да се направи специјалната када, каде ги наведува димензиите и ја опишува како `мал базен`“, вели Џонсон.

Меѓу експонатите е и спортскиот чевел на кошаркарската ѕвезда Шекил О` Нил, што му го подарил на претседателот Џорџ Буш, како и оттисок на нога од диносаурус, што му бил подарен на претседателот Ричард Никсон. Но, изложбата не покажува само големи предмети, туку и големи идеи. Илустрирани се големи настани во американската историја, како спуштањето на Месечината и „Денот Д“ – инвазијата врз Нормандија што доведе до победа на сојузничките сили во Втората светска војна.

XS
SM
MD
LG