Линкови за пристапност

Конзервативните партии доминираат на изборите за Европскиот парламент


Британска национална партија, која припаѓа на крајната политичка десница и е против каква и да е` имиграција, по првпат освои места на изборите за Европскиот парламент. Изборите ги одбележа и рекордно низок одзив на гласачите.

Според првичните резултати, конзервативците доминирале на гласањето во некои од главните економии во Европската унија, како во Германија, Франција, Италија, Полска и Шпанија, а левицата забележала големи порази.

Лабуристичката партија на британскиот премиер Гордон Браун, која деновиве ја потресуваат скандали, заврши на трето место на националните избори за ЕП, што е уште еден удар за Браун среде повиците за негова оставка.

Христијанско-демократската унија на германската канцеларка Ангела Меркел забележа победа, но без голем сјај, освојувајќи 31 процент од гласовите. Таа сепак останува во добра позиција за германските избори во септември на кои ќе се бори за втор мандат на функцијата.

Владеачките партии во десетина европски земји забележаа порази на изборите за ЕП.

Анкетите укажуваат дека многумина Европејци имаат мала верба во ЕУ и сметаат дека членовите на ЕП немаат претстава за секојдневните проблеми на граѓаните.

Според претставници на ЕУ, одзивот на гласачите во текот на четиридневното гласање бил нешто малку повеќе од 43 проценти. Аналитичарите предвидуваа слаб одзив, со образложение дека гласачите сметаат дека ЕУ не сторила многу во борбата против глобалната економска криза.

Лица задолжени за изборите информираа дека според првичните резултати, блокот на партии ориентиран десно од центарот ќе контролира до 271 место во парламентот од 736 члена. Проценките им даваат на социјалистите 161 место. Остатокот ќе им припадне на либералите, „зелените“ партии, крајната левица и независните.

ЕП обликува многу закони на ЕУ и го одобрува буџетот.

XS
SM
MD
LG