Линкови за пристапност

Северна Кореја осуди две американски новинарки на по 12 години затвор


Државната новинска агенција на Северна Кореја во понеделникот соопшти дека двете американски новинарки, чие судење започна минатата недела, добиле по 12 години робија. Според Корејската централна новинска агенција, судот утврдил дека новинарките се виновни за „тешко злосторство" и илегално преминување во Северна Кореја, но притоа не се наведува за какво злосторство се работи.

Минатиот четврток, севернокорејските државни медиуми го најавија почетокот на судењето против Ена Ли и Лора Линг, репортери на американската медиумска куќа „Карент ТВ". Севернокорејските власти ги уапсија Ли и Линг во март годинава додека биле на задача во близина на кинеско-севернокорејската граница.

Портпаролот на американскиот Стејт департмент Јан Кели кажа дека САД се мошне загрижени поради наводната пресуда и дека се ангажирани преку сите можни канали за ослободување на новинарките.

Минатата недела, пред да започне судењето, роднините и поддржувачите на Ли и Линг одржаа мирни собири и молитви во неколку американски градови и побараа судот во Северна Кореја да покаже разбирање за ситуацијата.

Политички аналитичари шпекулираат дека Северна Кореја можеби ќе го искористи случајот за дипломатско нагаѓање во споровите со САД.

Владата на американскиот претседател Барак Обама го отфрли обвинението против новинарките како „неосновано".

XS
SM
MD
LG