Северна Кореја се` уште молчи за судбината на двете американски новинарки, кои, доколку бидат осудени, може да бидат испратени на долгогодишна принудна работа во логор.
Вчера севернокорејските државни медиуми соопштија дека Ена Ли и Лора Линг од американската медиумска компанија „Карент - ТВ“ требаше да се појават на почетокот на судењето во три часот попладне по локално време, но Пјонгјанг се` уште нема објавено детали од процесот.
Американскиот Стејт департмент вели дека Северна Кореја забранила на набљудувачи да присуствуваат на судењето.
Севернокорејските власти ги уапсија Ли и Линг во март годинава додека работеле на новинарска задача во близина на границата меѓу Кина и Северна Кореја. Властите во Пјонгјанг ги обвинија новинарките за непријателски дејствија и илегално влегување во земјата. Доколку бидат осудени за виновни, тие би можеле да добијат казна до 10 години принудна работа во логор.