Линкови за пристапност

Различни реакции на говорот на Обама


Повикот на американскиот претседател Барак Обама за „нов почеток“ во односите меѓу САД и муслиманскиот свет предизвикаа главно позитивни реакции - дури и од традиционални американски ривали како што е палестинската милитантна група Хамас.

Верските лидери во древниот исламски универзитет Ал-Азхар кој беше коспонзор на обраќањето на Обама велат дека тоа е знак на “ветувачко ново раздобје во односите“.

Набил Абу Р`денех, портпарол на палестинскиот претседател Мајмуд Абас, кажа дека говорот е „важен чекор“ и “добар почеток“ кон нова американска политика на Блискиот Исток. Портпаролот на Хамас Фавзи Бархум смета дека се работи за „опиплива промена“ од приодот на претходната влада.

Израелската влада соопшти дека Израел ја споделува надежта на претседателот Обама дека американските напори наговестуваат ново раздобје што ќе донесе крај на израелско-палестинскиот судир.

Меѓутоа, иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Каменеи уште пред обраќањето рече дека не е можно САД да донесат промени преку говори и слогани.

Израелските доселеници на Западниот Брег, чии населби беа предмет на критика во говорот на Обама, велат дека тој е „наивен“ и „нема претстава“ за реалната ситуација.

Пратеникот Хасан Фадлалах од либанската група Хезболах рече дека на исламскиот свет му се потребни конкретни акции, а не предавања и проповеди.

Пакистански студенти за Гласот на Америка говорот го оценија како импресивен, но дека би биле поимпресионирани од конкретни промени во одредени аспекти на американската политика. Пакистанската Канцеларија за надворешни работи за Гласот на Америка изјави дека говорот бил „мошне охрабрувачки“ и може да претставува важен чекор кон намалување на јазот меѓу исламскиот свет и Западот.

Портпарол на генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун кажа дека тој бил „мошне охрабрен“ и верува дека гоорот во Каиро „е клучен чекор во премостување на поделбите“.

Хјуман рајтс воч оцени дека претседателот Обама пропуштил важна можност да ја критикува лошата ситуација со човекови права во Египет, Алжир и Сирија. Организацијата вели дека Обама мора да го исполни ветувањето дека ќе ги поддржува демократските принципи со тоа што ќе се зафати со угнетувачките режими во регионот, од кои многумина уживаат американска поддршка, тврди Хјуман рајтс воч.

XS
SM
MD
LG