Линкови за пристапност

Обама:  „Сега е моментот“ да се притисне за мир на Блискиот Исток  


Американскиот претседател Барак Обама смета дека „сега е моментот" да се притисне за мир на Блискиот Исток, како и дека годинава може да се направи сериозен напредок во решавање на израелско-палестинскиот судир. Обама ова го кажа по средбата со германската канцеларка Ангела Меркел во петокот, еден ден откако во говорот во Каиро повика на „нов почеток" во односите меѓу САД и муслиманите.

Според американскиот претседател, Вашингтон не може да им наметне мир на Израелците и Палестинците, но може да помогне во надминување на некои „недоразбирања" за да започне процесот. И Обама, и Меркел ветија поддршка за создавањето на стабилна палестинска држава што би постоела напоредно со Израел. Меркел за говорот на Обама во Каиро кажа дека ги отворил вратите кон арапскиот свет.

Првите луѓе на САД и Германија се заложија дека ќе работат и на иранското нуклеарно прашање, климатските промени и обновата на глобалниот економски растеж. Меркел најави дека ќе соработува со САД на затворање на американскиот притворен центар Гвантанамо на Куба. Обама рече дека не побарал од Германија да преземе тамошни притвореници, како и дека Меркел не се согласила на "тешки ветувања".

Обајцата дадоа изјави по средбата во замок во Дрезден што бил разурнат во бомбардирање на сојузничките сили за време на Втората светска војна. На дневен ред на Обама е и посета на некогашниот концентрационен логор Букенвалд, каде, според проценките, нацистите убиле 56.000 Евреи и други за време на војната. Во американската армиска болница во градот Ландстул, Обама има средба со американски војници ранети во Ирак и Авганистан.

Во сабота, американскиот претседател ќе учествува на церемониите за одбележување на 65-тата годишнина од инвазијата на сојузничките сили на Нормандија - еден од клучните чекори кон конечната победа во Втората светска војна.

XS
SM
MD
LG