Линкови за пристапност

За Светскиот ден на екологијата – порака од децата


И овој 5-ти јуни ќе се одбележи Светскиот ден на екологијата. Активностите се спонзорирани од ОН, а целта е да се подигне јавната свест за прашањата поврзани со животната средина. Меѓу меѓународните активности во рамки на одбележување на овој ден е масовното садење на дрвја во Малезија, чистење на пристаништата во Кенија, а планирана е и глобална видео конференција преку која ќе се поврзат групи млади луѓе од три различни континенти.

Омаха, во сојузната американска држава Небраска, ќе биде градот домаќин на манифестацијата во Северна Америка. Меѓу настаните во Музејот за деца во Омаха е уметничка изложба на тема животна средина, зад која стои талентирана група млади уметници.

Една од нив е 12-годишната Алис Ванг. Таа ужива кога црта, некои од нејзините слики го красат и домот во Пало Алто, Калифорнија, каде живее со своите родители и 13-годинишниот брат.

Ванг е добитничка на првата награда во Натпреварот за најдобар цртеж во рамки на меѓународната програма за заштита на животната средина спонзорирана од ОН. Во натпреварот учествувале деца на возраст од 6 до 14 години, а темата „Климатските промени – наш предизвик“.

„Нацртав термометар и три раце. Две од рацете се добри, а една е лоша. Лошата има работи што придонесуваат за глобалното затоплување, а другите две се работи што тоа го спречуваат“, вели малата Ванг. Соларни плочи, сончогледи, турбини на ветар, поларни мечки и пингвини се насликани како танцуваат на двете зелени раце на цртежот. Третата рака е црна, извалкана од фосилните горива и штетните издувни гасови од возилата и електричните централи.

„Се надевам дека ќе престанеме да ги користиме фосилните горива и ќе почнеме да користиме друг вид на енергија. Животната средина ќе биде почиста“, додава Ванг.

Оваа порака може да биде особено убедлива кога доаѓа од 12-годишно девојче и 60 други деца чии дела се изложени во Музејот за деца во Омаха.

Алис Ванг во август треба да патува во Јужна Кореја каде ќе учествува на Меѓународната конференција за деца, посветена на заштита на животната средина, а спонзорирана од ОН. Таа ќе се натпреварува со добитниците на прва награда од шест региони во светот за награда од 2.000 долари. Меѓународниот натпревар на детски цртежи почна да се одржува во 1991 година и досега на него се пријавиле преку 190.000 деца од преку 100 земји во светот.

XS
SM
MD
LG