Специјалниот американски пратеник Ричард Холбрук најави дека владата на претседателот Барак Обама ќе одвои 200 милиони долари за Пакистан за да им помогне на раселените во армиската офанзива против талебанските милитанти. Холбрук ова го објави во Исламабад по средбата со пакистанскиот претседател Асиф Али Зардари.
Најавената помош, што најпрвин треба да биде одобрена од Конгресот, доаѓа згора на 110-те милиони долари што САД веќе ги ветија минатиот месец.
Холбрук за време на тридневниот престој ќе се сретне со раселени Пакистанци и хуманитарни организации кои им помагаат.
Поради борбите меѓу армијата и талебанските милитанти, во Долината Сват и околните области изминативе недели се раселени околу 2, 5 милиони луѓе.
Главниот портпарол на пакистанската армија, генерал-потполковникот Атар Абаз најави дека ќе бидат потребни уште два месеци војување за целосно да се истера Талебан од регионот. Армискиот командат, генерал-потполковникот Ијаз Абан кажа дека армијата можеби ќе мора да остане во областа најмалку уште една година,за да ја одржи безбедноста.