Линкови за пристапност

Говорот во Каиро ќе го акцентира дијалогот со муслиманскиот свет  


Иницијативата за дијалог започна уште на денот на инаугурацијата, кога Обама порача: „До муслиманскиот свет, бараме нов начин да тргнеме напред, врз основа на заедничкиот интерес и почитување. Иницијативата се засили во април, кога во обраќањето во турскиот парламент Обама беше дециден: „САД не се - и никогаш нема да бидат во војна против исламот“.

Американскиот претседател планира да елаборира на оваа тема во обраќањето до муслиманите закажано за четврток во Каиро. Секретарот за печат на Белата куќа Роберт Гибс го карактеризира како: „Ова не е говор до лидерите. Ова е говор до многу, многу луѓе“.

Едвард Гнем добро ја познава публиката пред која ќе говори претседателот. Тој минал долги години на Блискиот Исток како виш американски дипломат и амбасадор во Кувајт и Јордан.

„Со тоа што доаѓа во регионот, тој не говори однадвор или од некоја проповедничка позиција во Вашингтон, или пак Европа. Тој доаѓа кај нив. Ќе говори од Каиро - главен град што со децении се смета за културен, образовен и верски центар“, коментира Гнем.

Целта на говорот е едноставна: да го смени тонот на односите, и да онесе олеснување по годините фрустрации и недоверба засилени од ирачката војна, како и од ќорсокакот во кој се наоѓа блискоисточниот мировен процес.

Џејмс Зогби, кој раководи со Арапско-американскиот институт во Вашингтон, гледа промена во арапските ставови кон САД откако Обама дојде на власт.

„Насоката е позитивна и може да продолжи да биде таква, но тој мора да започне да остварува“, вели Зогби.

Според овој аналитичар, арапскиот свет очекува Обама во говорот да се осврне на клучни прашања, првенствено на арапско-израелскиот судир.

„Не мислам дека ова е обраќање до муслиманскиот свет – ова е обраќање до арапскиот свет, и оттаму ќе говори во Каиро. Се надевам дека ќе ја искористи оваа несекојдневна можност – ќе говори од Каиро, а светот ќе внимава на секој збор“, потенцира Зогби.

Деновиве претседателот Обама се сретна со клучните арапски и израелски лидери. Но, неговите советници предочуваат да не се очекуваат некои големи предлози во говорот.

Според Роберт Сатлоф, кој е на чело на Вашингтонскиот институт за блискоисточна политика, Обама има конкретна цел да демонстрира загриженост за прашањето и да покаже дека е подготвен да се заложи.

„Ако продолжи по тој пат, што укажува на зрела и сериозна дискусија - и за прашања за кои се согласуваме, и за оние за кои не се согласуваме - мислам дека повеќето Арапи и муслимани - а екстремните никогаш нема да бидат дел од овој дијалог - ќе сакаат да се ангажираат во односите со САД“, вели Сатлоф.

Едвард Гнем укажува дека Обама во одреден момент ќе мора од зборови да мине на дела. Па сепак, иако заминувајќи на турнејата американскиот претседател носи само зборови, и самите тие ќе бидат од големо значење во обидот да ја смири реториката и да започне ново раздобје во односите меѓу САД и муслиманите ширум светот.

XS
SM
MD
LG