Линкови за пристапност

Обама во Саудиска Арабија 


Американскиот претседател Барак Обама пристигна во Саудиска Арабија, првата станица од неговата турнеја по Блискиот Исток чија цел е да допре до муслиманите ширум светот.

Се очекува главни теми на средбата на Обама со саудискиот крал Абдула во Ријад да бидат израелско-палестинскиот судир, иранската улога на Блискиот Исток и покачената цена на нафтата.

Американскиот претседател утре ќе го посети Египет, а во Каиро ќе го одржи многу очекуваното обраќање до муслиманскиот свет, а во кое ќе се осврне и на блискоисточниот мировен процес и проблемите на верскиот екстремизам и насилство.

Портпаролот на Белата куќа Роберт Гибс вели дека целта на Обама за подобрување на американско-муслиманските односи е дел од еден подолг процес, како и дека не се очекува од говорот да произлезе некакво „брзо решение“.

Од Блискиот Исток, Обама ќе замине за Европа, последните две станици на неговата петдневна турнеја. Тој во Германија ќе се сретне со канцеларката Ангела Меркел, а ќе го посети и некогашниот нацистички логор Букенвалд; во Франција има средба со францускиот колега Никола Саркози, а ќе учествува и на церемониите во чест на 65-тата годишнина од инвазијата на Нормандија за време на Втората светска војна.

XS
SM
MD
LG