Јужнокорејски законодавци тврдат дека на средба со претставници на главната разузнавачка агнеција во земјата им било кажано дека власта во Северна Кореја побарала од главните органи во земјата и од дипломатските мисии во странство да се обврзат на лојалност кон Ким Џонг-ун, синот на претседателот Ким Џонг-ил, како негов наследник на функцијата.
Во април, јужнокорејските медиуми соопштија дека Ким Џонг-ун бил назначен на почетна позиција во највисоката воена организација во земјата – Националната комисија за одбрана. За Џонг-ун не се знае многу. Тој наводно има околу 25 години и се образувал во Швајцарија. Според медиумските извештаи, Џонг-ун е љубител на американската кошаркарска лига НБА, а омилен играч му бил Мајкл Џордан.
Сегашниот водач Ким-Џонг-ил дојде на власт во 1994-та по смртта на неговиот татко. Шпекулациите за назначување на наследник на Џонг-ил растат уште од минатиот април, кога тој наводно преживеал мозочен удар.