Линкови за пристапност

Американските Муслимани испратија отворено писмо до Обама


Советот за американско-исламски односи, со седиште во Вашингтон, му испрати отворено писмо на претседателот Обама кое го напиша извршниот директор Нихад Авад.

Писмото на Авад подвлекува дека претседателот од неговата инаугурација наваму ги потхранил надежите во муслиманскиот свет за вистински промени во американската надворешна и внатрешна политика. Но, Авад вели дека позитивните ставови мора да бидат поткрепени со конкретни политички иницијативи: „Денес е време Америка да му каже на Израел дека не може да продолжи со изградбата на доселеничките населби. Не само што мора да запре нивната изградба, туку и постоечките мора да се разградат. Израелската блокада на Газа не само што мора да биде укината туку треба да бидат обновени правата на Палестинците и заложбата за создавање палестинска држава со конкретни рокови. Кон Ирак, Авганистан и Пакистан, промената треба да биде базирана на намалување на американската интервенција и почитување и поддршка за локалните решенија и тамошните демократски одлуки од локалните власти“, стои во писмото.

Презентирајќи го гледиштето од Американските муслимани, Нихад Авад во отворено писмо му нуди на претседателот Обама јасна мапа за подобрување на односите меѓу САД и муслиманскиот свет.

Во писмото се подвлекува дека „Америка мора да е предводник на политички, религиозни слободи, човекови права, растеж и стабилизација на демократските институции, почитување на владеењето на правото за секого. Мора да се поттикнува секоја нација, вклучувајќи ги и партнерите на САД, за единствени стандарди на правда и еднаквост“.

На домашен план, Авад вели Обама треба да обезбеди пример за избраните претставници, за религиозните лидери, коментатори, граѓани од сите вери, и гласно да се спротивстави на растечкото ниво на анти-муслиманска реторика и дискриминацијата во американското општество.

„Американската влада треба да има јасен став во борбата против исламофобијата и анти-муслиманската дискриминаицја која беше распослана на сите страни по 11-ти септември. Имаше некои одлуки кои беа насочени кон американско-муслиманските институции и поединци и имаше политизација на судските процеси против осомничените терористи. Сите овие работи мора да бидат преразгледани и да добијат обратен тек“, се вели понатаму.

Авад вели и дека американската политика за издавање визи треба да претрпи измени и да им се дозволи на муслимански интелктуалци и бизнис лидери да патуваат за Америка без да стравуваат од понижување и заплашување кога влегуваат во земјата.

Во неговото отворено писмо, Авад признава и дека муслиманските нации мора да направат промени и меѓу себе, со цел да ги зајакнат односите со САД: „Мислам дека е важно муслиманскиот свет да направи исчекор во правец на реформи – сериозни и внатрешни реформи за почитување на човековите права, демократијата и владеењето на правото. И второ, да ја намалат реториката и да се заложат за јавна служба, политичка и граѓанска ангажираност. И конечно, меѓуверскиот дијалог е мошне важен. Мора да биде базиран на взаемно почитување, а не на празна реторика, како што водовме од двете страни – од немуслиманска и од муслиманска страна“.

Авад во писмото вели дека претседателот Обама не може сам да реагира во промената на политиките и да ја поправи штетата која е направена во американско-муслиманските односи во изминатите години и оти Конгресот ќе треба треба да работи со претседателот за постигнување на таа цел.

Американските Муслимани, како и Муслиманите ширум светот, внимателно ќе го гледаат обраќањето на претседателот Обама во Каиро в четврток, за да видат што ќе понуди како следен чекор во приближувањето на Америка кон муслиманскиот свет.

XS
SM
MD
LG