Линкови за пристапност

„Сликовит“ мотив за откажување од пушењето


Во рамки на 31-мај - Светскиот ден против пушењето, СЗО спроведе кампања против пушењето преку кревање на јавната свест за опасноста од него. Активистите против пушењето се во офанзива да ги натераат надлежните органи во повеќе земји во светот на кутиите за цигари да постават експлицитни фотографии и пораки како мотив за одвикнување. Тие наведуваат дека сликата е вредна илјада зборови и идејата е визуелно да се покаже штетата што може да настане од пушењето.

За директорот на иницијативата против пушењето при СЗО, Даглас Бечер, нема сомнеж дека овој начин е ефикасен.

„Користењето на јасни, честопати шокантни прикази од последиците од пушењето, се покажа дека е најпривлечен, најекономичен тренд во обидот да се контролира оваа навика“, вели Бечер.

Доказите, вели тој, доаѓаат од Канада, која уште пред осум години го презеде овој револуциенерен чекор да стане првата земја во светот која побара употреба на експлицитни прикази и предупредувања за штетата од пушењето на кутиите за цигари.

„Денес, преку 20 земји со популација од речиси 700 милиони бараат да се воведат вакви предупредувања. Четири други земји ќе ги применат во период или оваа, или наредната година. Сепак, само 10 проценти од населението живее во земји каде постојат вакви предупредувачки мерки“, наведува Бечер.

Истражувањата спроведени во Бразил, Сингапур и Тајланд - земји каде се применуваат овие мерки - покажуваат дека пораките делуваат убедливо луѓето да се откажат од пушењето.

Тутунот е водечка причина за смртност што може да биде спречена. Според СЗО, годишно, од болести поврзани со пушењето, како рак, срцеви заболувања и мозочен удар, умираат преку пет милиони лица. Поголемиот број од овие случаи се во сиромашните и земјите во развој.

Меѓу другите ефикасни начини за намалување на пушењето, СЗО ги наведува забраната за пушење на сите јавни места и работни простории, забраната за реклами за цигари и спонзорства, како и зголемувањето на даноците и цените на цигарите.

XS
SM
MD
LG